09.07.2025

Мицкоски со искрено обраќање: Ова е уште една неправда врз Македонија – не се работи за Бугарите во Уставот, туку за идентитетот и јазикот, а Бугарија е разголена пред Европа

Почитувани граѓани,

Секогаш сум бил директен и искрен. Така ја почнав мојата кариера и така планирам да ја терам до крај. Да ги кажувам работите со вистински зборови. А не како политичарите во минатото да заобиколувам, да спинувам и да се обедиувам да ја зашекерувам вистината, играјќи си со чувствата и довербата на граѓаните. Од мене секогаш ќе добивате само искреност и искрени намери. Во политиката влегов токму поради тоа, затоа што сум дел од онаа излажана генерација на срушени соништа за сопствената држава, кога мечтаевме да бидеме далеку напред, како дел од Европа и тие вредности, а добивавме корупција, злоупотреби, предавства и неправди.

Македонската историја е втемелена на неправди. Од секогаш. И тоа не е само ексклузива на современа Македонија, пост референдумска. Така било и по втората светска војна, а така се случувало и низ историски перипетии на нашиот народ. И пред и за време на илинденското востание, но и потоа, Балканските војни, Првата светска војна, итн. Но и далеку пред тоа. Овде на овие простори неправдата е составен дел на нашето секојдневие. Неправдите не се само идентитетски, преку оспорувања и предавства, туку се и социоекономски, луѓето се преселувале, бегале од тука, или секој кој сакал подобро или мислел поразлично од режимите кои владееле на туѓи држави и империи, бил или убиван, или затворан, или протеруван. Неправди имало секогаш, има и денес. Денес само методите се поинакви, но суштината е идентична.

И ние нема никогаш да се соочиме со нив, ако прво не ги именуваме како такви, не ги идентификуваме, и конечно ако не ги победиме. Затоа велам: Неправди. Нека го слушне ова секој. И нека размисли. Секој наш сограѓанин, и не само Македонците, туку и нашите пријатели и сограѓани Албанците, Турците, Ромите, Србите, Властите, Бошњаците и останатите. Сите наши сограѓани живеат со тие неправди, и се со нас рамо до рамо, со години, со децении, со векови. Овде на овие простори.

Кога се гледа низ една таква призма, на историски контекст и историски феномен, денешниот ден не е ништо поразличен од оние претходно, од неуспешното, но исклучително важно како идентитска одредница Илинденско востание, од пркосот и трагите на идејата на Солунските атентатори, од маршевите на партизаните, од нивните упатувања на сремскиот фронт наместо да ги бранат своите огништа, овој ден е ист како и многу други. По својата суштина. Сетете се само на низата неправди во современа Mакедонија, по референдумот, промената на знамето, референцата ФИРОМ, блокирањето кон НАТО, промената на името, насилничките упади, преврати, конфликти, болната транзиција, позитивните извештаи за напредокот на земјава кон ЕУ кои остануваа да зјаат во амбисот на безизлезноста и немаа никакво значење ниту епилог, овој ден е ист таков.

Но, сепак, има еден момент во него, една длабока минута од овој ден која нема да дозволи да биде баш целосно ист, односно низ една историска димензија ќе биде своја автентична одредница сама по себе си, на еден нов пркос, на една генерација која свесна за проблемите со неправдите на својот народ, ги идентификуваше, ги именуваше, и ги соголи и одлучи да се бори со нив пожестоко и силно. Затоа што на неправдата ако не и се спротиставиш станува начин на размислување и кармичка судбина. Исто како што беше тоа инспирацијата на разни личности од разни епохи од нашата историја. Инспирирани од нашиот народ и идентитет, мотивирани од нашите искрени и чесни намери, заради кои секогаш ќе одиме цврсто, ние денес на овој ден, како и многу други, остануваме горди и со крената глава.

Македонија е блокирана во европскиот пат од Бугарија. Но за да ја разбереме таа блокада, мора најпрво да сфатиме дека таа блокада не почна денес, ниту ќе заврши денес. Таа блокада е почната уште во 1990та година кога бугарската држава, во моменти на ембарга, беспарица, страшни војни во поранешна Jугославија, како и проблематизирање на нашата држава од страна на Грција, се случи еден гест од Бугарија, признавање на посебноста на нашата држава, но со една ограда дека не се признава јазикот и народот. Јазикот е основа на нацијата во сите теории и оттука Бугарија ја призна државата, но не го призна постоењето на нашата нација.

Нашите политичари и лидери уште тогаш требаше да видат дека нашиот источен сосед има сосема поинаква агенда. Јас сум убеден дека многумина од нив биле свесни но со тешките и сложени предизвици со кои се соочуваше нашата држава, и грчкиот проблем како проблем кој остава недефирнирана држава заведена во Обединети Нации како земја со потенцијален конфликт (заради резолуцијата во тоа време во Обединетите нации под која беше заведен спорот со Грција за името), нашите политичари, одлучиле да одат чекор по чекор, и преку зачувување на мирот да го трасираат патот на стабилноста и интеграциите. И тоа е легитимно. Дали тезата времето работи за нас беше исправна историјата ќе суди, но факт е дека денес, можеби не времето, но Бугарија работеше против нас.

Пред неколку месеци кога за првпат произлезе идејата која требаше да ја извади Бугарија на чистина и нејзините затскриени намери да ги истопори за да бидат на очиглед на сите, и на оние најскептичните кои се уште наоѓаа енергија и мотиви да ни сугерираат дека внесот на бугарското малцинство во нашиот Устав беше и е единствениот проблем.

Ние почнавме низа на активности, и дипломатски акции да наметнеме една тема, која ќе придонесе на долг рок во изнаоѓање решение за нашиот проблем.Немавме амбиции ниту лажна надеж дека ќе успеевме ги знаеме односите во Унијата, ги знаеме трговските практики и начини на одлучување, знаеме дека во Унијата има не ретко конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на политиката, трговијата со судбини и не сме воопшто наивни. Се тоа ни беше совршено јасно. Никој не беше наивен дека сега и денес ќе се реши се. Токму затоа и потсетувам на она признавање на државата од страна на Бугарија од 90тите како прв сосед. Тоа поврзано со сите нивни активности и дејствија сите овие децении наназад, но и историски гледано во крајот на 19тиот и 20 век, нам ни е јасен показател дека тие имаат јасна агенда и план и дека се водени од мислата да ја уништат македонската нација и идентитет.Скептиците ќе речат кому му е гајле што се разголени Бугарите кога успеаја во намерите, а европските политичари пред да го направат оној предлог биле свесни за тоа, за задните намери на Бугарија. Точно е тоа. Ние тоа го знаевме. Но, јас ќе одговорам, конечно и не треба никому да му биде гајле, туку треба нам да ни е грижа да види светот, да видат народите од светот, со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21виот век, и да оставиме трага за вистината зад една битка на една генерација. Ова е нашиот крушевски манифест со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални, основни човекови права и вредности. И ние сме на вистинската страна од историјата. А Бугарија видовме низ историјата дека знае и да ја утне вистинската странаИ оваа борба ниту почнува ниту завршува денес.Македонија и сите овие перипетии колку и да се трагични имаат и во себе една успешна димензија, тоа е фактот што сега, денес, комотно и на очиглед на сите на Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина, на површина.Исто така со жалење можам да кажам дека на површина излегоа и сите оние кои свесен сум дека се потеа додека измислуваа при наши средби изговори за наводни реформи кои треба да се донесат, и за наводно бугарско малцинство кое треба да влезе во уставот, за техникалии бегајќи од суштината. Сите тие се и беа свесни за вистината. Сепак тоа се политичари од врвен калибар, за разлика од Бујар, Артан, Ковачевски, Маричич, Венко и сите останати. И тие совршено знаеја што е позадината на овие барања, а поврзани со последниот предлог и со нашата интеграција во ЕУ. Да исполниме услови кои ги нема за никого. Сите знаеја, но сега само ги соочивме со нив на еден наједноставен начин.И еве сега, и тоа им е на тацна и затоа не сакам никого, никогаш и никој да ми спомнува дека бугарското малцинство е проблем. Тие неколку стотина луѓе кои се чуствувале како бугари, дали биле во Уставот или не биле не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме. Но суштината е многу подлабока од тоа. И тоа сосема јасно се виде со овие чекори кои ги превзема нашиот источен сосед низ европските ходници. Но, ќе остане запишано и за век и векови запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на АФЕТ, на комитетот за надворешна политика при европскиот парламент и денеска пред да се донесе оној срамен амандман, се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот парламент. За прв пат во независна Македонија.Да повторам, што не направи Македонија од 90та до денес, какви не отстапки, промени и понижувања не претрпе. Наместо вреднување и респект, наместо сочувство и подадена рака, ние запаѓаме во нови и нови кризи со нови и нови барања кон нас, кога волците чекаат да дојдат лидерства тука кои се корумпирани, за чекор по чекор да се откажуваат од себе си од својот народ, од својата традиција, од своето наследство, од себе си.Најголемиот проблем за понижувањата низ нашата модерна историја е тоа што тие имаа свои темели во разни структури, во корумпирани политичари и неодговорни лидери, кои не водеа сметка за долгорочните цели и интереси на Македонија.Сакам да упатам една искрена благодарност.Драги пријатели од ЕУ, ви благодарам на сите вас, кои ни помогнавте и кои ни помагате и кои сеуште верувате во нас и во нашите вредности како дел од европското семејство. Нема да ве разочараме. Ќе работиме заедно со вас на реформи, на развој, ќе се обидуваме да ја придвижиме земјата кон ЕУ, тоа е новиот пат кој ќе го отвараме, по принципиелни и вредносни основи, затоа што членството на мојата татковина во ЕУ не е само цел, тоа е и наша потреба, но и заедничка потреба.И ние посветено ќе работиме со сите наши европски пријатели да опстоиме на европскиот пат и да не дозволиме различни земји или структури кои не и сакаат добро на мојата земја и на нејзината геостратешка поставеност, нејзинита позиција и иднина, да успеат во своите замисли.Оваа борба е, и ќе биде тешка. Но јас сум подготвен да опстојам, и заеднички со сплотеност тука, и со пријателите надвор ќе успееме! Ние сме малубројна земја, но со големо срце. Ние сме лулка на културата на Балканот, и нема негација која тоа ќе ни го одземе, ние ги почитуваме нашите соседи и така и ќе продолжиме и понатаму дури и кога вака ќе ги фатиме живи. Низ дијалог ќе се обидуваме да наоѓаме решенија, но без да не почитуваат ништо нема да постигнат. И тоа е клучната грешка на нашиот источен сосед во односите со нас. Кога ќе почнат да не почитуваат, тогаш ќе ни бидат најблизок и најдобар пријател, но и тогаш и дотогаш ќе зборуваме со нив и со сите со јазикот на аргументите.Не ми е важна никаква политичка кариера, нема ништо поважно и посвето за мене од македонските интереси!Сакам да потенцирам и нашиот народ да биде на чисто дека нема да дозволиме да се случи ново предавство! Нема да дозволиме да се отстапи од македонските национални интереси и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код. Јас сум само моментален функционер и претседател на оваа партија, кој превзел одговорност да служи на својот народ и да ги решава проблемите, да го подобри животот на неговите сограѓани. Работам ден и ноќ за да ја реализирам таа цел. Не е воопшто лесно. Напротив, мака мачиме да излеземе од заврзламите и компликациите во кои е втурната нашата држава, и да ги обновиме институциите и да ги создадеме овие темели на промените. Има добри индикатори, кои ни влеваат оптимизам, сеуште е многу рано народот тоа да го почувствува и свесен сум, но со работа и резултати, но пред се со одговорен искрен и чесен однос, вака со кажување на вистината и работите какви што се, јас сум оптимист дека за Македонија доаѓаат подобри времиња.Сакам да најавам и низа иницијативи и активности за кои ќе очекуваме сојузништво и заедништво со МАНУ, со партиите на етничките заедници во државава, со опозициската СДСМ, и другите кои сакаат да помогнат и да покажеме на светот дека сме тука и дека се уште стоиме! И покрај се! И после се!Ние сме тука! Стоиме силни, обединети заедно.