Општина Градско продолжува да се развива, се подобрува инфраструктурата, се реализираат конкретни проекти кои носат промени и подобри услови за живот на граѓаните.
За само една година се реконструираше улицата 8 Септември (дел 1 и дел3), се асфалтираше и последниот дел од локалниот пат до Манастирот Св. Архангел Михаил од Долно Чичево и се асфалтираше крак 16 во селото Виничани, додека во населеното место Градско се реализираше проектот „Подобрување на водоснабдување со питка вода“ и се започна со бушење на нови бунари за питка вода во Виничани и Ногаевци.
Додека за потребите на ЈКП „Клепа“ се обнови возниот парк на претпријатието со ново специјално возило, цистерна.
Во тек е доградбата на училишниот објект на ООУ„Даме Груев“ за обезбедување на едносменска настава и поквалитетно училишно секојдневие.
Уреден е дворот на детската градинка со безбедни и современи реквизити, а во центарот на Градско се уредува нов парк со детски реквизити, тартан подлога и зип-лајн, а на амфитеатарот се поставија нови дрвени седишта.
Паралелно се работеше на унапредување на спортската инфраструктура со поставување на нови голови на стадионот и монтирање на нови седишта на кошаркарското игралиште и се реализираа турнирите во фудбал „Стоби КУП Градско“ и турнир во кошарка.
Како конкретна поддршка во најважните моменти за секое семејство, продолжи поддршката со еднократна финансиска помош за секое новородено прво и второ дете, како и со бесплатната градинка, бесплатниот оброк за учениците од прво до петто одделение.
Најуспешни ученици продолжуваат да добиваат стипендии од општина Градско, а за првачињата и оваа година беа обезбедени бесплатни ранци и училиштен прибор.
Паралелно со најмладите, посебно внимание се посвети и на граѓаните од третата доба, за кои се обезбедија бесплатни физиотерапевтски услуги, домашни посети за неподвижните лица, како и бесплатна психолошка поддршка.
Понатаму, во периодот што следи ќе се реализира крак 7 од улицата „8-ми Септември“, ќе се реконструира улицата „Борис Трајковски“ во Градско, како и една улица во Водоврати и ќе започне уредувањето на фасадите во централниот дел на Градско.
Општина Градско продолжува да вложува во сите генерации граѓани и да инвестира во инфраструктура за подобри услови за живот.








