Јанков: Со интензивна работа, за половина година успеавме да го намалиме долгот на општина Струмица, ја стабилизираме финансиската состојба и создаваме темели за сигурна и подобра иднина за сите граѓани
Почитувани претставници на медиумите, почитувани сограѓани,
Денес сме тука затоа што вистината повеќе не смее да се премолчува. Предолго молчевме, работејќи во тишина за да ги решаваме проблемите што ги наследивме, но кога некој се обидува да ја искриви реалноста и да ја доведе јавноста во заблуда, наша должност е да ги изнесеме фактите пред граѓаните.
Оваа прес-конференција денес е мотивирана од прашањата што во изминатиот период ги поставуваше опозицијата, но уште повеќе од правото на граѓаните да ја знаат вистината за состојбата во општината.
Кога ја презедов функцијата градоначалник не наследив стабилна и финансиски здрава општина, наследив сериозни обврски, долгови и финансиски хаос, кој со години бил создаван и прикриван.
Моја цел беше прво да се зафатиме со работа, да ги стабилизираме финансиските текови и да почнеме да ги решаваме проблемите.
Свесно, не сакав веднаш да ја оптоварувам јавноста со негативни информации, но денес кога некој се обидува да ја искриви вистината и да ја префрли одговорноста, сметам дека е време граѓаните да ги слушнат фактите.
Во текот на изминативе месеци откривме сериозни состојби кои бараат целосно расчистување. Во моментот кога станав градоначалник, заедно со службите и со институциите извршив контрола, увид и целосно контрола на работењето. Секој денар да биде проверен, а секоја евентуална неправилност да биде утврдена согласно законите. Денес ќе ја презентирам анализата на сите реализирани плаќања во периодот од 28 октомври 2025 година, до почетокот на овој месец.
Во овој период извршени се плаќања по повеќе основи.
Капитални вложувања во јавните претпријатија, намирување заостанати долгови кон изведувачи и добавувачи, обврски кон вработените, како и различни и договорени законски обврски.
На 27.10.2025 година, салдото со обврските изнесувало фантастични 119 милиони 309 илјади 822 денари. На ист датум, ЈП за комунални дејности „Комуналец“, должи над 510 милиони денари. Истовремено, ЈСП „Струмица – Транспорт“ има долг од над 340 милиони денари кој струмичани ќе го исплаќаат на рати до 2031 година.
Во продолжение сакаме да ја запознаеме јавноста со дел од исплатените обврски на Општина Струмица.
Реализирани се капитални трансфери во вкупен износ од 28 милиони и 900 илјади денари, трансфери кои доколку не би биле направени, јавните претпријатија би биле доведени во тешка финансиска состојба.
Исплатено е кон ЈП „Стационар – Лана“, милион и 900 илјади денари, кон ЈП „Струмица – Гас“, 2 милиони денари, кон ЈСП „Струмица – Транспорт“, 25 милиони денари.
Во меѓувреме исплатени се и заостанати обврски кон комунални и јавни услуги. Имено, исплативме електрична енергија за улично осветлување за август и септември, во висина од над 3,5 милиони денари.
Заостанат долг кон Министерство за финансии по кредит од Меѓународна банка за обнова и развој, во висина од 2 милиони 579 илјади 970 денари, кој во суштина отплаќаме наследени долгови по кредит од Меѓународна банка за обнова и развој за втор проект за финансирање за подобрување на услугите во висина од 67 милиони денари. Дел од долгот кон УНДП за градскиот пазар во населба Карпош од 3 милиони и 800 илјади денари. Замислете, го плативме и авионското прскање против комарци за 2024 година во износ од над 660 илјади денари, дел од договорот за 2025 година за авионско прскање против комарци од 683 илјади денари.
Исплатени се обврски кон „Комуналец“, од вкупно 21 милион денари. Во истиот овој период исплатени се дел од заостанатите долгови кон повеќе изведувачи и компании во сериозен износ од над 16 милиони и 600 илјади денари.
За проектите реализирани во турската населба, исплатени се стари долгови од над 5 милиони денари. Подмиривме и обврска кон вработените во висина од над 600 илјади денари. Во списокот на долговите не заостануваат ниту други значајни ставки, како на пример заостаната членарина во ЗЕЛС за 2025 година од 499 илјади 950 денари и пристап до информациски систем во износ од милион 179 илјади денари.
Кофинансирање кон Центарот за развој на Југоисточен плански регион од 200 илјади денари. Заостанат долг од 500 илјади денари за 2024 година за кој е потребно да се предвидат дополнителни средства во буџетот на општината.
Плативме и заостанати сметки за урбанизирано сместување и исхрана на струмичкиот карневал од 2025 година, од над 700 илјади денари. Поединечни договори со правни лица од 2025 година околу 500 илјади денари.
Плаќање на експропријација во висина од над 4 милиони 660 илјади денари.
И со целата интензивна работа и за половина година успеавме да го намалиме долгот на општината. За споредба, долгот на општината на 30.06.2025 година изнесувал 109 милиони 462 илјади 844 денари, додека за 2026 година, истиот датум, изнесува 83 милиони 769 илјади 643 денари. Во меѓувреме, сакам јасно да нагласам дека ние не создаваме нови долгови. Напротив, паралелно ги сервисираме сите тековни обврски и систематски ги намалуваме старите долгови кои ги наследивме.
Работиме силно и одговорно за Општина Струмица повторно да застане на здрави финансиски нозе. Нашата цел не е политички спектакл, ниту собирање политички поени. Нашата цел е финансиски стабилна, одговорна и транспарентна општина, во која интересот на граѓаните ќе биде над се.
Затоа сакам да им порачам на сите граѓани да бидат спокојни.
Почитувани, општината не се крие од проблемите туку ги решава.
Со домаќинско работење, со транспарентност и со одговорност, чекор по чекор ја стабилизираме финансиската состојба и создаваме темели за сигурна и подобра иднина за сите.










