Драгана Арсова пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за финансирање и Буџет истакна дека измените се насочени кон поддршка на економскиот раст, зголемени пензии, плати и инвестиции.
„Овие измени и дополнувања се насочени кон одржување на стабилни јавни финансии, поддршка на економскиот раст и обезбедување средства за навремена реализација на сите превземени обврски, односно редовно и навремена исплата на зголемените пензии и плати кои оваа Влада ги обезбеди. Обезбедување на дополнителни средства за забразување на инвестицискиот циклус во инфраструктурата, повеќе средства за општините, повеќе средства за социјалната заштита, односно зголемување онаму каде што е потребно, каде што ќе има развоен, економски и социјален ефект“ кажа Арсова и додаде:
„Со предложениот ребаланс за 2026 година во приходната страна имаме зголемување за 1,2% или зголемување за 4 милијарди 575 милиони денари. Кај расходната страна пак се предвидува зголемување од 2,8% или 11 милијарди 600 милиони денари. Измените и дополнувањата кои се прават со овој предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година значат поддршка за најранливите категории, обезбедување на дополнителни средства за реализација на инфраструктурните проекти, изградба и реконструкција на патната или железничката инфраструктура, проекти во општините, инвестиции во водостопанството, комуналната, образовната, здравствената и еколошката инфраструктура“ истакна Арсова.
Арсова посочи дека средствата ќе се користат за капитални инвестиции, инфраструктурни проекти и поддршка на економијата.
„Со предложениот ребаланс се проектира буџетски дефицит во износ од 46 милијарди и 264 милиони денари, што реално претставува зголемување за 7 милијарди и 25 милиони денари и факт е дека буџетскиот дефицит изнесува 4,1% од проектираниот БДП и имаме зголемување на буџетскиот дефицит кој сам по себе не може да биде мерило за тоа дали станува збор за успешно или неуспешно управување“ кажа Арсова и додаде:
„Особено важно во овој дел е за што ќе се користат средствата и кога тие се насочени кон капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, поддршка на економијата, исполнување на обврските кои државата ги презела спрема граѓаните, тогаш тие претставуваат инвестиција во идниот раст, а истовремено и водење на одговорна фискална политика. Дека оваа Влада, министерствата и сите државни институции водат одговорни политики покажува и анализата за извршување на Буџетот за 2026 година во која од реализацијата во првите пет месеци можеме да забележиме дека вкупните приходи достигнаа реализација од 45,3% од годишниот план и бележат раст од 8,6% споредбено со истиот период од минатата односно претходната 25та година. Приходите од данокот на личен доход растат за 11,7%. Данокот на добивка е зголемен за 14,9%. Данокот на додадена вредност исто така расте за 16,4%“ заклучи Арсова.








