Во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој истакна дека владината реконструкција претставува освежување од кое најголеми добитници се граѓаните. Тој исто така посочи дека на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се приклучила Турска демократска партија, покрај коалициските партнери Вреди и ЗНАМ.
„Секогаш има простор за нови луѓе јас секогаш го подржувам тоа, така да сметам дека губитник во оваа реконструкција нема , туку има само победници, а тоа се граѓаните, тоа е народот и тоа е оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ заедно со владините коалициони партнери Вреди и Знам, тука да надополнам само дека пред вчерашната седница на ИК во коалиција на ВМРО-ДПМНЕ се вклучува и Турската демократска партија. Така да сумирам дека победници на оваа реконструкција се граѓаните и ние продолжуваме да работиме во нивен интерес“, вели Манасиевски.
Портпаролот Манасиевски во емисијата изјави дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години, работела чесно, одговорно и транспарентно и реализирала проекти во области како транспорт, образование, дигитализација, економија, плати и пензии. Тој оцени дека Владата ја стабилизирала државата и поставила темели за понатамошен развој.
„Изминатите две години ВМРО-ДПМНЕ и како влада и како партија покажа и докажа како треба да се работи со една влада односно чесно, одговорно и транспарентно, реализирајќи многу проекти и мерки за граѓаните кои што пред нашето доаѓање, 7 години немавме никаква реализација, од делот на транспорт од делот на образование, дигитализација, економија, плати, пензии и така натаму. Сметам дека изминатите две години ја стабилизиравме државата ги поставивме темелите, очекувам да продолжиме со тоа темпо и да работиме исклучиво во интерес на граѓаните“, рече Манасиевски.
На крајот, Манасиевски изрази уверување дека реконструкцијата ќе придонесе за уште поефикасна работа на Владата во следните две години и оцени дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари убедлива победа на следните парламентарни избори.
„Ова реконструкција ќе биде освежување и чекор повеќе кон тоа што наредните две години Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи. Сметам дека одиме во правилна насока и дека ВМРО-ДПМНЕ и коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде апсолутен историски победник на следните парламентари избори“, истакна Манасиевски.








