01.07.2026

Манасиевски: Реформите продолжуваат и покрај блокадите од опозицијата

Во емисијата „Утринско Еспресо“ на Радио Лидер, гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој на самиот почеток истакна дека изминатите две години ВМРО-ДПМНЕ покажала дека работи чесно, одговорно и транспарентно и посочи дека во тој период биле реализирани бројни проекти и мерки во повеќе области, меѓу кои транспортот, образованието, дигитализацијата, економијата, како и зголемувањето на платите и пензиите.

„Изминативе две години ВМРО-ДПМНЕ и како Влада и како партија покажа и докажа како треба да се работи, чесно, одговорно, транспарентно реализирајќи многу проекти и мерки за граѓаните од делот на транспорт, образование, дигитализација, економија, плати, пензии. Изминатите две години ја стабилизиравме државата, ги поставивме темелите, за разлика од порано сега гледаме еден поинаков пристап во реализација на програмата што е ветена пред граѓаните“, рече Манасиевски.

Манасиевски се осврна на темата за Изборниот законик и блокадите од страна на опозицијата, според него станува збор за закон кој е дел од Реформската агенда, а неговото блокирање, како што оцени, може негативно да се одрази врз процесот на обезбедување средства од Планот за раст.

„Видовме сите како заедно здружено со Левицa, Венко Филипче се договорија со десетици илјади амандмани да го блокираат Изборниот законик кој е дел од Реформската агенда. Тоа што они не очекуваа дека нивниот рејтинг ќе оди надоле го вклучи алармот во двете политички партии, единствена штета со блокирање на овој Изборен законик прават на Македонија. Оние плус средства којшто можеме да ги обезбедиме од Планот за раст, нема да можеме затоа што СДС и Левица заради свои лични, партиски интереси го блокираат овој закон“, посочи Манасиевски и додаде:

„Ние повторно ќе бидеме предводници, со најмногу финансиски средства повлечени од Планот за раст, повторно ќе бидеме лидери во Реформската агенда, а тие ќе продолжат да бидат оние коишто ќе пробуваат да и наштетат на Македонија на било каков начин , тоа се потврдува и денес со овој Изборен законик“.

На крај Манасиевски порача дека актуелното парламентарно мнозинство има капацитет да го донесе Изборниот законик, но нагласи дека Владата не сака да ги заобиколува собраниските процедури. Според него, за разлика од претходната власт, законите денес се носат низ јавна расправа и парламентарна дебата, со можност за прифаќање на амандманите.

„ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство и може да го донесе законот, меѓутоа и тоа е една клучна разлика од владеењето на СДС и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и оваа владина коалиција, порано се носеа закони со европско знаменце затоа што во дадени периоди не можеа ниту мнозинство да обезбедат на седниците, па ни стигна извештајот од Европската комисија каде што велеа дека е злоупотребувано европското знаменце. Кога се носат предлог закони во Собранието, денеска тие одат на јавна расправа, се дебатираат во Собранието, се прифаќаат голем број на амандмани на опозицијата, голема разлика има и во овој дел, порано си носеа закони коишто им се на нив битни, ги носеа со европски знамиња скоро 90% затоа што немаа мнозинство“, дециден е Манасиевски.