Јован Јаулески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешата собраниска седница, во реплика на пратеникот од опозициска СДС, Миле Талевски, посочи дека актуелното раководство на МВР постигнало повисока ефикасност, разбило повеќе криминални групи и придонело за намалување на повеќе видови криминал, при што, според него, се враќа и довербата на граѓаните во полицијата.
,,Имавте 7 години министер, 7 години министер, 7 години обвинителство. Целиот систем под контрола. А што оставивте зад себе? Хаос во издавањето лични документи, граѓани понижени со часови и денови чекање, институции со нарушен углед и чувство дека законот важи за сите, освен за блискиот ешалон на СДС и ДУИ“, рече Јаулелски.
Јаулески нагласи дека на опозицијата денес и пречи воспоставувањето ред и дисциплина во институциите. Како аргумент ги посочи официјалните податоци според кои, по доаѓањето на Тошковски на чело на МВР, ефикасноста на полицијата достигнала 69%, што, како што истакна, не е партиска проценка, туку официјална статистика.
,,Сузбиени се над 30 криминални групи, дел во областа на дрогата, дел од нив во областа на корупцијата, криумчирањето мигранти, оружјето и други облици на тежок криминал. А да ве прашам, каде беа тие групи кога бевте вие на власт, тие не се измислени од вчера, тие постоеја и вие кога бевте на власт?“, вели Јаулески.
Јаулески возврати дека во периодот кога СДС беше на власт биле издавани пасоши на лица поврзани со меѓународен криминал, меѓу кои и како што вели тој, нарко-босови кои јавно тврделе дека се среќавале со тогашниот премиер. Јаулески посочи и случај со лице кое, според него, било уапсено со 200 килограми марихуана од страна на полициски командир од местото од каде доаѓа Талевски, тврдејќи дека тоа лице имало фотографии со претставници на тогашната владејачка структура.
,,Тој има слики од првиот до последниот со вашата пратеничка група. Ете таму беа тие криминални групи. Скопските криминални групи, од Грчец и останатите беа на сите слики со функционерите од СДС, вклучени во сите изборни циклуси. Ете затоа не се апсеа тие криминални групи“, истакна Јаулески.
Јаулески оцени дека безбедносните резултати се видливи преку разбивањето на 11 криминални групи, големите заплени на дрога и пресекувањето на меѓународни канали за шверц. Тој истакна и значително намалување на тешките кражби, разбојништвата и насилниот криминал, како и расчистување на случаи кои долго време биле нерешени.
,,Панче Тошковски не наследи функционален систем, туку наследи распаднат систем на раб на колапс, со огромни проблеми, огромни нарушувања и не се зафати со критика, туку се зафати со работа да го поправи и конечно македонските граѓани по оваа цела макотрпна работа повторно да имаат доверба во македонската полиција, која што вие ја нарушивте“, заврши Јаулески.








