Добровечер Струмица,
Драги браќа и сестри,
Драги пријатели,
Дали сте подготвени?!
Дали сте подготвени да ја испратиме најсилната порака од Струмица, народот повторно верува, повторно се обединува и повторно гледа напред кон идна голема победа на ВМРО-ДПМНЕ!
Вечерва не сме собрани овде само да одбележиме еден јубилеј. Не сме собрани само да прославиме 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Вечерва сме собрани да покажеме дека идејата која започна пред 36 години, не само што опстана, туку денес е посилна од кога било. Таа идеја, тој наш сон отсекогаш бил и ќе остане Македонија.
Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има надеж. Повторно има визија, има народ кој верува во себе! Погледнете околу себе! Не само во црвено жолтите знамиња, туку во погледите, во енергијата која ја испраќате.
Ова е народна сила. Ова е гласот на народот, на луѓето кои со години не се откажуваа од својата татковина, кои останаа исправени и кога беше најтешко.
Ова е гласот на народот кој знае дека може повеќе и затоа вечерва од Струмица испраќаме една јасна порака.
Порака што ќе се слушне во секој град, во секое село, во секој дом. Порака која веќе се чувствува насекаде околу нас. А пораката е јасна: Македонија забрзува и нема назад! Македонија забрзува!
И потполно сум свесен дека има и такви, кои ќе речат дека, сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче, со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување.
Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, сигурни и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште побројни чекори, но сигурни.
На овој роденден, сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат.
Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон нашата татковина Македонија.
Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш, кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова инспирација, нова енергија, нова сила. Секогаш кога некој сакаше да не оттурне назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да водат, да поведат напред.
И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, а ние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните каузата и татковината. Затоа, почитувани пријатели, драги браќа и сестри, нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни, обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила.
Драги пријатели,
Ги слушам оние празни муабети на луѓето од опозицијата кои ја уништија својата идеологија, како се првоповикани да коментираат за името на нашата партија и за историскиот континуитет на историското ВМРО и за идеологијата која ја имаме. И никогаш не сум сакал да држам историски лекции, или да навлегувам во историски теми, но оваа вечер, овој 36-ти роденден, сакам да зборувам и за минатото на организацијата, почетоците, формирањето и предизвиците кои што се случуваа во минатото. Секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесен за историскиот габарит кој го носи ова име.
Повеќе од три и пол децении, од појавата на партијата на македонската политичка сцена е доволна временска дистанца да се направи анализа на историјата на ВМРО- ДПМНЕ, да се оцени нејзината политичка активност, да се потсети на нејзиниот политички пат. Историјата е сведок на подемите и падовите, политичките победи,но и порази, светлите страници и трагичните моменти. Таква е нашата македонска историја. Но, историјата е местото каде се наоѓаат и корените и идеологијата на нашата партија.
Почетоците на денешната современа политичка партија ВМРО ДПМНЕ, е назад во времето од крајот на 19 век, кога група на македонски интелектуалци го подготвувала создавањето на македонска организација, што во срцето на моќната Отоманската империја си поставила за цел создавање на автономна Македонија. Таа организација, со јасна политичка цел, иако неколкупати го менувала своето име во нејзините официјални документи, во меморијата на обесправениот македонски народ, останала запаметена под нејзиното најчесто користено име- Внатрешна Македонска Револуционерна Организација име што денеска по 133 години е вградено во светлите букви и во името на нашата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Континуитетот на кој се повикуваме и го поврзуваме со историската ВМРО, не е никаков апстрактен поим или нешто имагинарно, туку суштински став, решение и идеологија длабоко вградена во програмските документи на ВМРО-ДПМНЕ, прифатена и верификувана од сите раководства на партијата во нејзината 36 година историја, а искрено примена од огромното членство и симпатизерите на партијата. Нашата партија го прифати и континуитетот на сите општи конгреси на историската ВМРО, уште од 1893 година, низ годините на единство, но и длабоки поделби во Организацијата по Рилскиот конгрес во 1905 година, продолжувајќи низ годините по Балканските војни, Првата светска војна, меѓувоениот период, се до 1934 година.
Заедно со светлите мигови и успеси на Организацијата, го прифативме и тешкото бреме на нејзината историја, поделбите, непријателствата, дури и трагичните братоубиства, што сериозно се заканувале трајно и засекогаш да ја уништат ВМРО и да ја избришат од историската сцена. Историските факти пак, покажале дека ВМРО поминала низ бурни премрежија, успеала да создаде широка организациона мрежа на целата територија на Македонија, го организирала Илинденското востание во 1903 година, а по 1905 година поминувала низ тешка внатрешна криза.
И секогаш кога сакале да ја уништат, ВМРО како чувар на Македонија и производ на својот народ се враќала посилна и посилна. Во овој период од околу 4 децении, ВМРО поминала низ три фази на своето револуционерно дејствување и постоење. Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година, била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови, кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев, биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија.
Освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава. Втората фаза во историјата на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршувањето на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканската пропаганда, кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организациските редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов, кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров, со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба, со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата.
И покрај поделбата на две теченија, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија, кои произлегле од самото ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња, Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.
Третата фаза на дејствувањето на ВМРО е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година. Крајот на Првата светска војна и разочарувањето на македонскиот народ од решенијата во Версај, повторно ја воскреснале идејата за создавање на автономна или независна Македонија, а од пепелта на разорните борбени дејствија на македонско тло- комитите и војводите, старите илинденци, но и новите генерации на револуционери, повторно го развеале црвено- црното знаме на ВМРО. Под тоа знаме, и за тоа знаме гинеле многу комити и војводи. На сцената на револуционерната организација, останале двајца најзначајни ликови, двајца авторитети меѓу кои се водела борбата за раководство: Ѓорче Петров, еден од идеолозите на илинденската генерација, со голем авторитет кај македонската емиграција во Бугарија и Тодор Александров, припадник на новата генерација македонски револуционери, член на скопскиот револуционерен округ на ВМРО.
По трагичниот крај на Ѓорче Петров, водството на ВМРО било превземено од помладата генерација револуционери на македонското револуционерно движење. Тодор Александров станал централната фигура на организацијата, револуционер, кој со својата прагматичност успеал во ВМРО да ги собере македонските револуционери од сите идејни теченија: десничари, левичари, комунисти, националреволуционери, анархисти и во таков состав, со обновување на комитската дејност и сите делови на Македонија- да ја предводи организацијата до неговото убиство во 1924 година. Во тие 5 години по војната, Александров успеал да ја издигне ВМРО во најмоќна македонска организација, која со дејствувањето на комитските чети на територијата на етногеографска Македонија, го држела отворено и актуелно решавањето на македонското прашање.
ВМРО станала страв и трепет за регионалните балкански влади. Организацијата ја црпела својата сила и моќ од македонскиот народ, а нејзината идеологија била автентична, македонска и доаѓала од програмските документи на раководството на ВМРО. Александров секогаш ја користел приликата да истакне дека ВМРО го има континуитетот на илинденската ВМРО на Делчев, Груев, Тошев, а потврда за тоа била неговата поддршка и соработка со Илинденската организација, која во своите редови ги имала ветераните и старите борци на Организацијата од Илинденското востание. До 6 мај 1924 година, ВМРО го достигнала зенитот на својата моќ. Организацијата со Мајскиот манифест, декларирала дека ги прекинува извршувањата на сите смртни казни по различни дела, обзнанила обединување на сите идеолошки теченија, струи и фракции во рамките на ВМРО и повикувала под нејзиното знаме да се обединат сите Македонци во борбата за создавање на независна македонска држава.
Но, наместо толку посакуваното единство, во корист на македонска кауза, вмешувањето на одредени надворешни воено политички фактори и претставници на комунистички организации, предизвикало нова внатрешна криза во ВМРО која достигнала врв со убиството на Тодор Александров на 31 август 1924 година. Настапило тешко време, започнале меѓусебни физички ликвидации, обвинувања, идеолошки пресметки, кои од корен го промениле дејствувањето на ВМРО. Идејата за независна Македонија станала второстепена, а поважно станало кој, каде, со кого и против кого ќе биде во внатрешните вооружени фракционерски борби. За жал, стотици членови на ВМРО загинале во македонските братоубиства, голем дел од нив и без да знаат за кого и за што го положувале својот живот. Трагично и тешко време и за ВМРО и за Македонија, од кое денес треба да извлечеме длабоки поуки и мудрост. Се случило некогаш и веќе никогаш да не се повтори!
После трагичните настани, во ВМРО од крајот на 20тите години на минатиот век до 1934 година, многумина политички и воени фактори на Балканот и Европа помислиле дека македонската организација е готова, дека е завршено со неа и дека таа станала далечно минато. Но, годините по Втората светска војна, кога се исцртувале новите светски геополитички граници покажале дека идеологијата на ВМРО и историското сеќавање за организацијата има многу длабоки корени на тлото на Македонија. Семето посеано на 23 октомври 1893 година, не било уништено од плевелот што растел околу него. Вмровската идеологија повторно воскреснала во намачената душа на македонскиот народ. Низ целата територија на федерална Македонија, секојдневно се создавале групи и поголеми организации кои дејствувале илегално, повикувајќи се на идеалите на старата гоцеделчева ВМРО, јасно декларирајќи дека ќе се борат Македонија да се отцепи од југословенска федерација и да се конструира како независна држава во срцето на Балканот. Бројот на тие вмровски групи и организации од ден на ден се зголемувал и опфаќал најголем дел од средношколската и студентската младина, а голем дел и од македонските интелектуалци, посебно докторите, професорите и учителите создавале организации и групи, кои во своето име ги содржеле најсветите македонски букви: В.М.Р.О.
Стравувајќи од опасноста дека може да се изгуби контролата врз политичките прилики во Македонија, републичката и сојузната УДБА, уште во доцните 40-ти години, па се до средината на 70-тите години спроведе темелни истраги за откривање и апсење на вмровските групи, со цел за нивно целосно елиминирање. За да се види огромната раширеност на вмровските организации во тој период, говори и податокот од МВР, според кој во периодот од 1945 до 1985 година, во Македонија биле откриени 105 илегални организации и групи со над 1200 членови. Според овие податоци, во наведениот период под обвинение дека се членови на вмровски групи, биле уапсени и околу 7300 средношколци, а во затворот Идризово биле затворени околу 2500 затвореници, најголем дел од нив осудени и затворени под обвинението дека се членови на организации и групи со името ВМРО. Во доцните 80-ти години на минатиот век, пред самиот распад на тогашната југословенска федерација, службата за државна безбедност УДБА имала зачувано околу 14.500 политички досиеја, најголем дел на членови на вмровските групи, со напомена дека постојат јасни индиции дека голем дел од досиејата се скриени или целосно уништени.
Сакам да споменам и една друга работа, во 2017, 2018 и на почетокот на 2019 година, ВМРО-ДПМНЕ беше под жесток политички прогон. Во тоа време имаше и отворени предлози од челниците на тогашната владејачка СДСМ, за укинување на името на ВМРО и тоа со закон. Замислете т во 21 век. Но, еве 8 години подоцна, историјата е добра учител, треба само да се постави прашањето: каде се тие, каде е ВМРО-ДПМНЕ?
Почитувани, овие историски околности, претходеа на основањето на нашата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Историјатот на ВМРО, подемите и славата, падовите и неуспесите, кризите и новите патишта, издигнувањето и новите победи и успеси, тоа е тешкиот и трнлив пат кон 17 јуни 1990 година. ВМРО-ДПМНЕ не е партија без корен, таа има славна, но и тешка историја. И самиот чин на основањето на партијата, како да беше повторување на тешката вмровска историја, но патот до 17 јуни од Голгота се претвори во воскреснување на светиот идеал на историската ВМРО! Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на секој еден од основачите, кој што, со своето дело, со својата храброст, со својата енергија, со својата визија, го создаде ова што денеска ние го имаме, а тоа е најголемата политичка партија во Македонија и најголемата организација на Балканот, ВМРО-ДПМНЕ. И благодарам, за сето ова што го направија на тој 17 јуни 1990 година.
ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија. ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство. Име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот македонски политички бренд. ВМРО создаден од историја. Од борба, од болка, од жртва. Од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае.
Идеја што поминала низ востанија, прогони, победи, порази, надежи и разочарувања. И сепак останала жива. За да ги предводи следните национални победи! Затоа што нејзината суштина е едноставна и силна. Македонија да биде своја, да биде горда, да биде почитувана. Во таа идеја има корен, но има и иднина. Има традиција, но има и широчина. Има патриотизам, но има и програма.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ денес има сила да биде најдобриот одговор за предизвиците пред Македонија: за економија што расте, за институции што служат, за млади што остануваат, тука дома во Македонија, од тука да се бориме за нашата татковина, за држава што создава и за народ што верува.
Тоа е нашата обврска. Да ја чуваме идејата, да ја шириме идејата. Да ја претвораме во дела. Затоа што ВМРО не е само дел од македонската историја. ВМРО е причината затоа што Македонија забрзува и Македонија има иднина.
Драги браќа и сестри,
Би сакал да се осврнам сега на две теми, кои што се многу значајни и важни на моменталната политичка сцена во Македонија. Првата е она национално несогласување, кое што го имаме со опозицијата околу спорот со нашиот источен сосед. Морам да дадам еден пред текст, еден контекст, како дојдовме до оваа состојба. Во услови кога ветуваа дека ќе донесат живот, во услови кога ветуваа дека Македонија ќе биде достоинствена, модерна, европска држава, со европско здравство, со европско образование, со богати граѓани, донесоа криминал, донесоа буквално уништување на се што значи Македонија и македонско. Во услови кога не успеаја, со своите ветувања, единственото нешто кое што им преостануваше, а беа жедни, беа лакоми за власт, за моќ, да продолжат да ја празнат Македонија, да продолжат да ја уништуваат Македонија, прифатија да потпишат бел лист хартија. Тие мислеа дека ако ги гланцаат чевлите таму на некој европски бирократ и ќе коленичат и ќе потпишуваат бел лист хартија, дека тоа ќе им донесе победа на изборите во 2024-тата година. Ене каде се тие, на политичката маргина и уште долго ќе останат таму. Им прети уништување.
Но создадоа голем проблем, создадоа проблем на нашиот пат кон Европа. И да не беше тој проблем, со реформите, политиките кои што ги испорачува оваа Влада, веќе ќе чукавме и ќе тропавме на портите на Европа. Но пред нас имаме договор којшто не обврзува на нешто кое што никој од нас, не помислува да го направи. Тој договор ќе не посетува вечно, на тој бел лист хартија која што претходната влада го потпиша, мислејќи дека на тој начин ќе остане во владата и ќе ја добие милоста од тие, коишто не гласаат, туку во суштина, бира и казнува народот. А народот, нив ги казни и ги прати во опозиција.
Но, сакам јасно и гласно, од овде, на овој 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме една силна порака, која што ќе допре до секој еден до европската престолнина во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на ЕУ.
Но, драги браќа и сестри, тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но исто така нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, коишто велат, веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин.
Не може само за нас да важат правила и договори. Или за сите, или за никој. Бидејќи ни велат, дека ова било последно, дека немало да има повеќе вакви, тогаш ајде сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат, донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт, македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик, и дека нема повеќе да ја отвора таа тема.
Нема цена, нема слава, нема моќ, која што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше.
Затоа, подгответе се за борба. Овие пред нас, нашите предци, не случајно одземав неколку 10-тина минути од вашето време денеска, во Струмица, на овој 36-ти роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Да направиме една ретроспектива на организацијата од 1893 па наваму. Тоа е тој габарит за којшто зборував. Таа е таа тежина што секој член на ВМРО-ДПМНЕ и секој еден Македонец, но и оној кој што е наш сограѓанин во Македонија, а не е Македонец, треба да го носи со себе. Ја имаме честа и привилегијата да бидеме светилникот и чуварите на тој голем габарит, којшто ни го оставија нашите предци и аманетот за ВМРО.
Втората тема, за која што сакам да зборувам, а за која што честопати добиваме и критики, дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да повторам, тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и да правиме естрада од она кое што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе коишто од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу. Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема. Затоа се немирни, затоа се нервозни. Последниот нивен жилав бастион, се малкумина, корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги проазиме наскоро. И ќе одговараат од прв до последен.
Драги пријатели,
Во овие мигови, сакам малку да зборувам и за работата на Владата. Ретко, можеби и недоволно, зборувам за ова, но мораме да објасниме што правиме. Поминавме безмалку две години.
Покажавме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Во овој краток период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа според растот на БДП како процент од истиот. Постигнавме историски рекорди над 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопати, зголемивме пензии, градиме студентски домови. За студентите, обезбедивме електронски уреди. Сето она кое што претставуваше проект, а беше заборавено од претходната влада, го реализиравме и го реализираме.
Она кое што сакам да го испратам како порака и од овде, од Струмица, а кое што мислам дека е важно за овој крај, е дека оваа недела објавен тендерот за визибилити студија и техничко решение, за патот којшто ги поврзува Радовиш и Струмица и тоа ќе биде како додадена вредност на она што денеска го направивме, а тоа е конечното пуштање во употреба на болницата во Струмица, која што 4 децении, замислете, 4 децении не била завршена.
Сакам да се осврнам и на промените кои следат. Следува реконструкција на Владата.
Од утре ќе започнам да работам на оваа тема. Откако сме во финишот на екипирањето и промените кои се случија во партијата, каде што имаме околу 30 проценти нови претседатели на комитети, можам да кажам дека кога станува збор за Владата многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните, морам да признаам, со жалење, скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. И за ова зборував, на последната седница на ЦК на партијата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот.
Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме.
Еве јас, сакам да споделам од овде од Струмица, работа за која што до сега не сум зборувал. Пред отприлика 8, токму од овде, од Струмица, од еден објект, којшто за жал веќе не постои, кога бев избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, почнав со моите активности, со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, што неретко се расипуваше, со една наследена истрошена камера, со блокиран партиски имот и со двајца тројца околу мене. Но желбата за успех беше голема.
Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да има толерирање занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи.
Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, на пораки, можеби ќе задоцнам по некој ден, може секој тоа да го прави, и секој заслужува одговор, овој стопати ми пратил, 101 ќе одговорите.
Честопати соработниците ми велат дека сум бил со многу мек карактер. Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, бидејќи ги заслужува, тоа е впрочем и мојата домашна култура и воспитување , но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите.
Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата, се додека не служи.
Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Секој сакам од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен.
Ние не се тркаме со опозицијата. Тие одамна не се никаков репер. Ние се тркаме да бидеме подобри за народот, за оние луѓе коишто се со нас и кои што не поддржуваат. Но, и оние кои што не гласале за нас, кои што не гледаат, кои што воопшто не излегле на избори. Сите тие заслужуваат, да се арчиме, и да работиме секој ден за нив, и за нашата заедничка татковина Македонија.
Сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но она што можам во меѓувреме да го забележам е дека оние од опозицијата, можеби се единствен таков пример во светот, уплав имаат од избори. Кога ќе им спомнеш избори, уплав ги фаќа. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат, се силат. Па ќе ги слушнете како ќе речат дека биле реконструирана, дека нови млади сили им се придружувале, се приклучувале, а кога ќе им спомнеш избори, одма држат прес-конференции и исплашени, бледи како крпа.
Сакам да им испратам една порака: да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, да не се силат, затоа што знаеме дека во себе носат, срце на кукавици, затоа што може и да им се оствари тоа што го посакуваат. А кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна. Ние сме подготвени, подготвени сме за секое сценарио. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е подготвен за секое сценарио.
Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите.
Сакам држава која не чека подобри времиња, туку сама ги создава. Земја која се движи напред со самодоверба, со јасна насока и со вера во сопствените можности.
Македонија мора да забрза. Не затоа што некој тоа го бара од нас, туку затоа што нашите граѓани го заслужуваат. И кога ќе нè прашаат што нè движеше во овие времиња, одговорот ќе биде едноставен: љубовта кон татковината. Љубов посилна од сите пречки. Вера посилна од сите сомнежи. И народ посилен од сите предизвици.
Македонија не застанува. Македонија не се предава. Македонија забрзува! Ова не е крај на еден собир. Ова е почеток на едно ново поглавје.
Поглавје во кое нема да зборуваме за пропуштени шанси, туку за нови успеси.
Ќе работиме повеќе. Ќе се бориме посилно. Ќе веруваме уште повеќе. И затоа, драги пријатели, кога ќе се изгаснат светлата од овој собир, кога ќе заврши музиката и кога секој од нас ќе се врати во својот дом, останува едно прашање: Што ќе оставиме зад себе?
Дали ќе оставиме уште една пропуштена шанса или ќе оставиме дело што ќе го паметат генерациите?
Нашиот народ низ историјата поминал низ многу искушенија, за денес да се плаши од предизвици. Премногу жртви се вградени во темелите на оваа држава за денес да дозволиме некој да нè убеди дека не можеме. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, другите политички партии неопределени. Премногу надеж има во очите на нашите деца за да се откажеме од иднината што ја заслужуваат.
Затоа вечерва не зборуваме само за политика. Вечерва зборуваме и за судбината на нашата генерација.
Зборуваме за тоа дали ќе бидеме поколението кое ќе се жали или поколението кое ќе создава. Дали ќе бидеме луѓето кои ќе бараат виновници или луѓето кои ќе градат решенија. Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето. Јас верувам во второто, да бидеме творци, да го создаваме времето.
Нема повеќе време за стоење во место, нема повеќе можности за враќање назад.
Пред нас има уште многу работа. Ќе има и пречки. Ќе има и напади. Ќе има и обиди да се сопре ова движење. Но има нешто што е посилно од сè. Посилно од секоја лага. Посилно од секоја опструкција. Посилно од секој обид за поделба. Тоа е оваа бескомпромисна волја на народот. А кога народот ќе одлучи да оди напред, нема сила што може да го сопре. И ќе ја изградиме државата за која сонуваа нашите родители и која ја заслужуваат нашите потомци, нашите деца.
Нека се слушне силно од Струмица! Од Беласица до Шар Планина! Од Охрид до Делчево! Од Гевгелија до Куманово! Една татковина! Една заедничка иднина!
И нека запомнат сите: Народот е буден. Народот е исправен. Народот е решен. А кога народот е обединет, нема пречка што не може да се совлада, нема врв што не може да се достигне и нема сон што не може да се иссонува. Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Среќен роденден ВМРО-ДПМНЕ! Бог да ја благослови Македонија!








































