17.06.2026

Мицкоски со јасна порака: Со криминалот и криминалците нема договор ќе ги гониме каде и да се

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одбележува под мотото ,,Македонија забрзува, наша обврска“, во своето обраќање порача дека нема никаков пакт со оние кои треба да одговараат пред лицето на правдата, а во изминативе две години биле изведени сите оние кои треба да одговараат.

,,Втората тема, за која што сакам да зборувам, а за која што честопати добиваме и критики, дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да повторам, тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и да правиме естрада од она кое што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе коишто од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека во последните две години пред лицето на правдата се извеле поранешни функционери, како и судии и обвинители, а порача и дека сите оние кои се огрешиле ќе одговараат.

,,Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, нанивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој“, истакна Мицкоски и додаде:

,,Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема. Затоа се немирни, затоа се нервозни. Последниот нивен жилав бастион, се малкумина, корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги поразиме наскоро. И ќе одговараат од прв до последен“.