Најголемата вредност за ВМРО-ДПМНЕ изминативе 36 години е што ја црпи силата од народот, граѓаните коишто веруваме во исти идеи, во исти вредности и принципи, а тоа е независна, самостојна, просперитетна и европска Македонија, рече Марија Митева член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица за МИА, по повод 36-тиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој денес се одбележува под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“.
Таа додаде дека иако изминатите години како политичка партија имавме големи предизвици, тешки но и убави моменти и покажавме дека само обединети и единствени можеме да носиме победи за Македонија.
„За мене најголемата вредност е силата на македонскиот народ, вербата којашто ја даваат во идејата, во принципите и во вредностите коишто ги носиме. Тоа е навистина Македонија да забрзува и Македонија да победува“, рече Митева.
Митева потенцираше дека пред околу две години, граѓаните не гласаа само за промена власта, туку гласаа навистина да имаме промени во принципите на владеење и во системите коишто ги имаме.
„Така што, можам да кажам дека големи се разликите, голем е напредокот којшто го правиме. Можам да издвојам делови во делот на економијата, каде што навистина покажуваме солидни, одлични резултати веќе седум квартали по ред. Можам да кажам дека забрзано работиме на подобрување на патната инфраструктура, ние во овој момент пет автопати коишто истовремено се градат. Навистина се грижиме за зголемување на инвестициите, за бизнисот, за подобрување на животниот стандард. Но, исто така, морам да бидам чесна и да кажам дека работите коишто ги правиме, можеби, во определен момент не делуваат дека се навистина големи, брзи промени коишто граѓаните ги очекуваат, затоа што уназадувањето коешто го имавме изминатите седум години не ни дозволува да одиме со побрзи чекори напред. Но, чекорите кои ги правиме се сигурни, стабилни, не се еден чекор, неколку назад, туку се чекори коишто навистина не носат во правилната насока“, истакна Митева.
Понатаму, Митева додаде дека „Македонија забрзува“ значи дека Македонија мора да оди напред, дека Македонија мора да победува, сплотени и единствени и со верба во државата, во она што може да го направи нашата влада, во она што можеме да го направиме сите заедно, тоа е еден јасен слоган и порака дека можеме, имаме капацитет и знаеме како да ги водиме процесите.
„Она што можам да го издвојам како најголем успех е делот на економијата, делот на стабилизирање на она економско дно што го имавме изминатиот седумгодишен мандат на претходната влада. Имаме уште многу работа, имаме уште многу предизвици пред нас, ова не е нешто за коешто ние можеме да ветиме дека ќе ги подобриме состојбите од денес за утре, но е нешто во коешто имаме јасна цел, јасен план и така ќе продолжиме“, рече, меѓу другото, Митева.








