24.04.2026

Стојаноски: СДС преку ноќ го менува ставот за техничката влада, од изјави во минатото за нејзино укинување до одбрана

Во вчерашната емисија „Анализа“ на телевизија 24, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој дебатираше на повеќе теми меѓу кои и за техничката влада, истакнувајќи дека СДС имаат променливи ставови во однос на техничката влада, посочувајќи дека истите политички актери кои денес имаат поинаков пристап, во минатото се залагале за укинување на техничката влада. Притоа како примери ги наведе изјавите на поранешниот премиер Димитар Ковачевски и Зоран Заев.

Пратеникот Стојаноски нагласи дека техничката влада е нефункционална, го нарушува имиџот на државата и претставува финансиски товар. Според него, ваквиот модел не постои во европските демократии и не придонесува за ефикасност на институциите.

„Кога зборуваме за консензуално донесен закон јас навистина сум збунет, е сега со кој СДС ние зборуваме, затоа што политичките актери во СДС и тогаш и сега беа исти, дали оние кога беа на власт и кога велеа дека техничката влада треба да се укине како ентитет, има такви изјави безброј, од поранешниот претседател Ковачевски па и Зоран Заев па и тогашните министри кои што се сега пратеници или некој друг СДС кој што ете преку ноќ смета дека оваа влада не треба да постои. Тоа е едното прашање. Ние од кога бевме опозиција баравме таа влада да престане да постои, заради тоа што, прво, не е функционална, второ, апсолутно го нарушува имиџот на државата заради тоа што во Европа не пости друга влада и трето, чини многу пари“, рече Стојаноски.

Стојаноски во емисијата упати критики кон СДС поради нивната неконзистентност и недоволна ангажираност во комисиската расправа за Законот за укинување на техничка влада, потенцирајќи дека и покрај јавните настапи и изјавите не поднеле ниту еден амандман.

„Не е во ред вие да имате прес-конференција во Собранието, неколку дена да ја актуелизирате темата во јавноста, а на крај да дојдете на Комисијата за политички систем со нула амандмани, повторувам СДС на комисиската расправа за Законот за укинување на техничка влада имаше нула амандмани, ДУИ имаше тринаесет. Ама СДС да вели дека ова е рушење на систем, дека се нарушува принципот на консензуалност, дека ќе го напуштат Собранието, а на комисиската расправа вие да немате ниту еден амандман тогаш тоа укажува на нешто. Тоа знаете на што е еднакво, исто како оној балон пуштен во јавноста со црвените линии, којшто никогаш и не дојде на Собранието. Така да не е исклучена таа можност да се најави нешто бомбастично, а потоа од реализацијата да отсуствува комплетно“, вели Стојаноски.