17.07.2025

Трајановски: Македонија се наоѓа во една инфраструктурна експанзија само за овој период направивме патишта во должина од 100 километри

Кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт работи и ние оставаме дела зад себе, рече Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта на вечерашната трибина насловена како Инфраструктурен бум – ги градиме темелите на промените во организација на ВМРО-ДПМНЕ која се одржува во Гевгелија.

Трајановски информираше за тоа каква состојба затекнал во претпријатието и што се е направено за овој краток период од една година Влада.

 „Кога дојдов за директор верувајте дека сите делници беа замрени, не се работеше механизацијата или ја немаше или пак не работеше. Успеавме да направиме патишта, експресни и автопати во должина од 100 километри“, кажа Трајановски.

Директорот информираше за реализираните патни правци во овој период.

„Од Страцин до Крива Паланка, од Градско до Дренево од Дреново до Фариш,  го пуштивме и патот од Врбјани до Ботун кој по 11 години беше пуштен.  Тоа е одлика на наше домаќинско и одговорно работење. Ние поставуваме нови стандарди за работење во сите институции“, вели Трајановски.

Трајановски додаде дека тука не се сопира и оти се работи на уште многу други патни правци.

„Работиме на еден од најважните правци Кичево – Охрид, интензивно работиме за по 13 години или се надевам следната година да го пуштиме и тој патен правец“, изјави Трајановски.

Според Трајановски Македонија се наоѓа во една експанзија на патна инфраструктура.

“Веќе го објавивме тендерот за Скопје – Блаце за оние фамозни 10 километри. Тие  почнаа од Блаце кон Скопје и направија само два километри кои завршуваат во еден дол“, информираше Трајановски.