Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија, беше дел од вечерашната трибина „Инфраструктурен бум – Ги градиме темелите на промените“, која се одржа токму во Гевгелија. Сарамандов потенцираше дека Коридорот 10 ќе биде од огромно значење за општина Гевгелија, која, според него, е транзитен центар, а ги спомена и индиректните бенефити кои ќе влијаат на развојот на туризмот во Гевгелија. Тој ги спомена и двете инвестиции кои во моментов се во фаза на реализација и кои ќе овозможат 500 нови работни места.
,,Општина Гевгелија има добра местоположба. Се наоѓа во близина на граничниот премин Богодорица, но тука минува и коридорот 10 којшто од страна на министерот за транспорт, Александар Николоски е веќе најавен и во иднина ќе треба да се реализира“, рече Сарамандов и додаде: ,,За нас како град за граѓаните на Гевгелија е од посебно значење. Пред се за локалниот економски развој со обнова на асфалтниот пат и изградба на оваа пруга. Во Гевгелија ќе се создадат предуслови да биде уште повеќе отворена кон овој голем транзитен коридор. А секако ќе придонесе, ќе се отворат можности за нови инвестициони вложувања во нашата општина“.
Според Сарамандов патиштата отвораат само нови можности за општина Гевгелија.
,,Во моментов, како резултат на нашата досегашна работа, имаме две инвестиции кои се во тек на реализација. Едната на влезот во градот на површина од 20000 м2, а другата на патот на граничниот премин до Богородица на 7000 м2. Овие две инвестиции ќе овозможат 500 нови работни места се надевам до крајот на оваа година“, истакна Сарамандов.
Според него, од големо значење е индиректниот бенефит, со цел да се развие туризмот во општина Гевгелија
,,Но уште поважно за мене како градоначалник е индиректниот бенефит, тие да придонесат да имаме што поголем број на туристи во нашиот град“, заклучи Сарамандов.