Почитувана македонска јавност,
Стојам денес пред вас со срце исполнето со гордост и неизмерна благодарност.
Ви се обраќам како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, како жена, мајка и силен поддржувач на една од најемотивните и најхуманите мерки што ги донесе оваа Влада – 6 бесплатни ин витро оплодувања на трошок на Фондот за здравствено осигурување.
Да се биде родител е сон, надеж, понекогаш и тивка болка која бара слушнат глас и подадена рака.
Ова мерка е победа на животот и на семејствата кои сонуваат за бебешки плач во својот дом. Дуплирана можност, преполовен товар – мерка која симболизира солидарност, гласна поддршка и грижа.
После години поминати рамо до рамо со граѓанскиот сектор, со дел од приватните клиники за ин витро оплодување, со активистите, со секој родител кој со солзи сведочеше. Многу работни средби, јавни расправи, искрени разговори вродија со плод.
Оваа Влада покажа слух. Покажа дека кога граѓаните зборуваат, институциите слушаат. Кога постои волја за соработка, постои простор за промена.
Верувам дека токму оваа мерка ќе биде поттик за раст на наталитетот, но уште поважно – ќе биде искра за надеж и остварување на еден благороден сон, а тоа е бебешки плач во секоја празна соба.
Го поздравувам носењето на овој закон, на оваа победа како лична, но и како наша – заедничка.
Упатувам јавна благодарност до сите што беа дел од ова патување, особено до здружението “До бебе по пат на инвитро” за сите доставени ресурси, статистики, истражувања и идеи за реализација на оваа мерка.
Со вас. За вас. И за новите срца што допрва ќе чукаат.