Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба, во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ зборуваше за одредени проблеми со кои се соочил откако ја превземал функцијата и посочи дека успеал да ги реши проблемите кои се значајни и за општината и за граѓаните.
-Како градоначалник на општина Гази Баба, уште од првиот ден се соочив со сериозни инфраструкtурни предизвици, особено во руралниот дел на општина Гази Баба. Гази Баба е една од најголемите општини и индустриски најразвиена. Најсериозни беа проблемите со недостатокот на чиста вода за пиење и недостатокот на фекална канализациона мрежа, за кои веднаш започнавме со интензивни активности од аспект на проектирање и обезбедување на финансиски средства и со задоволство можам да кажам дека во период од две години успеавме да го решиме водоснабдувањето во сите населени места, рече Стефковски.
Тој во текот на своето гостување посочи на дел од многуте проекти кои ги сработил во овие 4 години и укажа дека ветувањата кои ги дал пред граѓаните се реализирале.
-Во 2021 година кога ја побарав довербата од граѓаните дадов конкретни ветувања, денес, после 4 години можам со гордост и со чист образ да кажам дека тие ветувања станаа реалност односно имаме мерливи индикатори на резултати. Инвестиравме во инфраструктурата, дадовме фокус и во образованието со што изградивме две спортски сали, за прв пат после 60 години започна да се гради нова училишна зграда во Ченто, во моментот се градат две нови детски градинки и многу други проекти, кажа градоначалникот Стефковски.
Градоначалникот Стефковски додаде дека за реализација на проекти големо значање има и централната власт со што потенцираше дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е влада која што е партнер на општините и на граѓаните.
-За реализација на проекти и те како е важна поддршката од централната власт. Ние за прв пат имаме Влада која што е партнер на општините и преку тоа е партнер на граѓаните, вели тој.
На крај градоначалникот Стефкоски потсети дека тој од прв ден кога ја превземал функцијата до денес не користел ниту службено возило, ни гориво а и се откажал од користење репрезентација.
-Јас и првиот ден кога се откажав од користење на службено возило, гориво, се откажав од користење на репрезентација, после три години и 8 месеци, можам да кажам дека тоа е јавно достапно и проверливо дека ниту користам службено возило, ниту имам потпишано сметка за репрезентација во овие неполни 4 години. Така даваме еден пример како треба да се однесуваме кон јавните финансии, додаде Стефковски.