21.07.2026

Со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, културата и туризмот повторно се државен приоритет, обезбедени се рекордни средства и силна поддршка за развојот

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само две години ја врати културата и туризмот таму каде што им е местото, меѓу стратешките приоритети на државата.

По години на запоставеност, денес културата добива рекордни вложувања, а туризмот добива политики што отвораат нови можности за развој и промоција на Македонија.

Средствата за годишната програма за култура се зголемени од 768 милиони денари во 2023 година на 1 милијарда и 71 милион денари во 2026 година, што претставува раст од речиси 40 проценти.

Поддршката за националните установи е зголемена за 25 проценти, а нивните сопствени приходи се зголемени за дури 150 проценти во споредба со 2023 година, што е потврда дека инвестициите даваат резултати.

По седум години повторно е реализиран конкурсот за креативни индустрии, преку кој се поддржани 108 проекти, а по речиси една деценија повторно се реализира и откуп на ликовни дела од македонски автори.

Зголемена е и поддршката за домашната кинематографија, при што буџетот на Агенцијата за филм е речиси двојно зголемен, од 100 милиони денари во 2024 година на 187 милиони денари во 2026 година.

Паралелно со тоа, капиталните инвестиции во културата се повеќе од двојно зголемени. Во тек е реализација на значајни проекти, меѓу кои Театарот во Струмица, реконструкцијата на киното „Партизан“ во Битола, Македонскиот народен театар, новите простории на Џез оркестарот и повеќе проекти за заштита на културното наследство.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува силна поддршка и за развојот на туризмот, така што буџетот за оваа намена е зголемен од 58 милиони денари во 2023 година на 186 милиони денари во 2026 година, што претставува раст од над 200 проценти.

Во соработка со туристичкиот сектор се отвораат нови туристички пазари, а во завршна фаза е и Националната стратегија за развој на туризмот, со која Македонија ќе стане поконкурентна и поатрактивна туристичка дестинација.

Разликата е очигледна, додека во минатото културата и туризмот беа ставени на маргините, денес тие повторно добиваат институционална поддршка, рекордни инвестиции и јасна визија за развој.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политики што ја зајакнуваат македонската култура, го штитат културното наследство и го развиваат туризмот како значаен двигател на економскиот раст и промоцијата на Македонија.