27.07.2025

Болниците се консолидираат, намалуваат наследени долгови и добиваат засилување, над 950 нови лица во здравствениот систем

После една година напорна и посветена работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се гледаат првите резултати и во еден од најзапоставените и уништени сектори од претходната власт, здравството.

Почна консолидирањето на болниците низ државата, како намалувањето на нивните наследени долгови и вработување на здравствениот персонал.

Здравството е најчувствителниот ресор кој директно ги засега граѓаните, а владата на СДС за седум години направи се да го фрли на колена, која остави болници во огромни долгови и без здравствен персонал.

Новите раководства на болниците со домаќинско работење и со поддршка на институциите, почнаа финансиски да ги стабилизираат здравствените установи и да ги намалуваат наследените долгови.

Исто така, во јавните здравствени институции почна екипирањето со персонал, така што изминатиот месец реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството.

Новите засилувања опфаќаат широк спектар на здравствени и технички профили: лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, техничари, психолози, социјални работници, хигиеничари и друг неопходен персонал.

Меѓу болниците во кои почна процесот на вработување на здравствени работници е Општата болница Прилеп. Оваа болница за година дена скоро за половина го преполови долгот од 200 милиони денари на 109 милиони.

Покрај финансиската консолидација, болницата сега е во процес на вработување на 120 здравствени работници, од кои 21 доктор, а дополнително ќе следи вработување и на специјализанти.

По долги години, конечно се решава и проблемот со вработените во тетовската Клиничка болница. Објавен е конкурс за трајни вработувања во болницата во Тетово на 119 кадри, медицински персонал, додека за останатите лица од административниот дел ќе биде објавен друг оглас од страна на Агенцијата за администрација.

Почна постапката за вработувања на доктори, медицински сестри и технички лица во штипската клиничка болница, а од пред некој ден почна и постапката за вработување на десет лекари приватни специјализанти во Клиничка болница Битола.

А, пред извесно време во охридската болница со работа почнаа седум приватни специјализанти, анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози.

Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси е суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем.

Здравството не може да функционира без посветениот кадар што секојдневно го одржува во живот, затоа Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува фокусирана на создавање стабилен и ефикасен систем преку вложување во луѓето, кои претставуваат негова основа.

Не беше лесно, но полека и сигурно, се поставуваат и се градат темелите во здравството.