Општина Вевчани во изминатата година реализираше значајни инфраструктурни и комунални проекти со кои се подобруваат условите за живот на граѓаните и се создава поуредна, побезбедна и пофункционална општина.
Во патната инфраструктура, во соработка со Министерството за транспорт, обезбедени се средства за целосна реконструкција на четири локални улици во должина од околу 5 километри. Паралелно, реконструирано е и уличното осветлување, со поставување подземна инсталација и нови канделабри.
Во текот на годината се реализираа и повеќе активности за уредување на јавните површини, пешачките патеки и пристапните патишта, како и изградба на бетонски канали за наводнување.
Вевчани доби и бесплатен интернет во централното подрачје преку проектот „Wi-Fi за Западен Балкан“, реализиран во соработка со GIZ.
Значајни вложувања се направени и во развојот на туризмот. Реконструиран е дел од осветлувањето во локалитетот „Вевчански извори“, а активностите за целосно обновување продолжуваат. Воедно, продолжи и традицијата на манифестацијата „Вевчанско лето“, со која се збогатува културната и туристичката понуда на општината.
Со средства од општинскиот буџет е уреден и дворот на детската градинка, со проширување на пристапната патека, изградба на потпорен ѕид, поплочување и обезбедување дополнителни паркинг места, како и поставување нова ограда, клупи и корпи за отпадоци.
Особено значајни се инвестициите во капацитетите на Јавното комунално претпријатие. Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион обезбедени се нова специјална машина за одржување на канализациониот систем и хидрауличен мини-багер.
Дополнително, обезбедени се 850 канти за комунален отпад, со што секое домаќинство во општината доби бесплатна канта. Во рамките на регионалниот проект за управување со цврст отпад обезбедено е и ново специјално возило за собирање отпад.
Општина Вевчани продолжува со реализација на нови инвестиции, со фокус на инфраструктурата, комуналните услуги, туризмот и создавањето подобри услови за живот.








