Тодор Конески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Унијата на млади сили, во ,,Ноќно студио“ на 4ТВ, се осврна на повеќе теми кои ги засегаат младите во земјава, меѓу кои беа студентскиот стандард, домашната образовна структура и вклучувањето на младите во општествените процеси. Според него, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во фокус ги има младите уште од сам почеток, а како што кажа, тестамент за тоа е фактот што политиките за млади добија свое место во рамки на министерски ресор.
,,Ова е првиот тестамент дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, младите ги става во центарот на своите политики“, вели Конески.
Во врска со договорот кој беше склучен помеѓу Министерството за локална самоуправа, ИНОВА и државните универзитети минатата година, тој вели дека студентите се поврзале со локалните самоуправи, како практиканти, во месеците август и септември годинава.
,,Студентите од универзитетите ги поврзавме со локалните самоуправи. Тоа беше една интересна политика, со којашто успеавме младите професионалци да ги поврзиме со своите локални самоуправи, да бидат практиканти и додадена вредност на локалните самоуправи. А од друга страна, локалната самоуправа да добие еден оперативен бонус во својата работа. Младите се авангардата на ова општество и најголемата додадена вредност на ова општество и кога ние можеме успешно да ги вметнеме младите во процесите кои се одвиваат во локалната самоуправа, ние можеме да добиеме една локална самоуправа, којашто може да размислува на покреативен и пофункционален начин. Неопходно е во локалната самоуправа да ги вметнеме младите“, истакна Конески.
Тој смета дека квалитетот на домашните универзитети е нешто на коешто треба да се пристапи од, како што вели, генерално ниво, а особено важно истакна дека е обезбедување на квалитетна инфраструктура и добри услови за студентите во земјава.
,,Тоа е еден цел мозаик на фактори, коишто треба успешно да се спојат, за да можеме да креираме успешен образовен систем. МОН работи одлично во таа насока, досега има 13 студентски иницијативи коишто биле поднесени до МОН, од кои 12 се прифатени. Тоа значи дека МОН има слух за проблемите на студентите и како да се решат и е кооперативно кога доаѓа до нови решенија, за коишто студентите сметаат дека се корисни“, кажа Конески.








