Почитувани,
Откако во јавноста изби новата финансиска афера во ПОЦ, дека милионски долгови на физички лица и компании, биле отпишани без јавноста да дознае кој точно и зошто бил ослободен од обврската да им плати на паркинзи на Општина Центар, денес, време е проблемот да стигне таму каде што припаѓа, во Јавното обвинителство.
Бараме Јавното обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, итно да отворат предмет по допрен глас и да ги проверат сите околности околу отпишувањето на долговите во ПОЦ за 2024 година.
Извештајот на Државниот завод за ревизија, не смее да се заборави по фиоки, а Герасимовски и СДС да не одговараат пред Центарци!
Ревизорите за 2024 година, утврдиле дека ПОЦ отпишала над 3 милиони денари долгови. 2 милиони и 221 илјада денари од физички лица и 912 илјади денари од компании. Дополнителни 247.000 денари данок на личен доход, пари наменети за буџетот на државата, останале ненаплатени.
Или како што велат ревизорите: „…ефект на нереално и необјективно презентирање на финансиските извештаи…“. Ова не е обична забелешка на ревизорите. Ова е официјална констатација на независен државен орган, сериозно сомнение дека финансиските извештаи на Паркинзи на Општина Центар, не ја покажуваат во целост вистината за парите на граѓаните. А ако вистината за јавни пари во милионски износи се прикрива, тоа веќе не е прашање само на ревизија – тоа е прашање за кривична одговорност.
Обвинителите мора да дадат одговори кој бил мотивот да се отпишуваат милионски долгови, и дали е оштетен државниот буџет, особено во моменти кога СДС оди кон сигурна пропаст и веројатно не бираат по чиј џеб ќе посегнат, само за да го одложат нивниот неминовен крај.
Почитувани, додека обвинителите ги откриваат членовите на Управниот одбор на ПОЦ – Александар Писинов, Дарко Конески, Никола Савовски, Оливер Тоновски и Маја Зрмановска – директорот Душко Коцевски, како и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, мора да одговораат пред Центарци, кои компании и кои физички лица, поединечно, со име и износ, добиле отпис на долг? Дали меѓу корисниците на отпишаните долгови има лица и компании поврзани со СДС, односно Венко Филипче и Зоран Заев?
Овие луѓе мора да дадат одговор на овие прашања, бидејќи тие се одговорни за одлуките донесени под нивно раководство.
Центар ја заслужува вистината за тоа како се користеле парите на Центарци.










