17.07.2026

Панова: Политичката незрелост на опозицијата го блокира носењето на Изборниот законик


„И покрај нашиот обид и четири месеци преговори, договори, состаноци на коишто аргументирано се дебатираше во врска со Изборниот законик, на крајот причините за недонесување на Изборниот законик се очигледната неспремност од страна на опозицијата да прифатат дека ќе направиме уште еден голем успех со носење на овој Изборен законик, со тоа што, така, ќе исполневме 10 од 10 од условите за Реформската агенда и ќе добиевме многу повеќе пари, што беше само една од нашите цели, изјави Ели Панова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието, во интервју за Слободен печат.

Пратеничката Панова потенцираше дека опозицијата покажа одредена политичка незрелост со тоа што не прифатија забелешките на ОБСЕ и ОДИХР да бидат имплементирани во Изборниот законик, како и фактот дека ИЗ е еден од законите кои мораат да бидат донесени со консензус бидејќи истиот е подложен на филибастеринг во Собрание и во секој момент, како што вели Панова, може која било политичка партија да го блокира неговото донесување, како што и впрочем се случи преку поднесувањето на 13.000 опозициски амандмани.

Панова, меѓу другото, се осврна и на точките за кои дискутираа политичките партии, а кои се однесуваа на потенцијалните измени на ИЗ, при тоа истакнувајќи го и единственото барање на ВМРО-ДПМНЕ околу начинот на гласање на дијаспората.

„Дијаспората била една од точките на коишто се разговарало на тие состаноци, една изборна единица, како и финансирањето на политичките партии за време на кампањата. Дијаспората беше од на една од нашите точки. Зошто-заради тоа што сметаме дека парите коишто државата ги троши на избори се интерес на граѓаните. Ако ние трошиме финансиски средства за да може да се одржат избори во дијаспората или во нашите дипломатски претставништва во дијаспората, тогаш треба да овозможиме граѓаните коишто се во дијаспората да излезат и да гласаат. И сега ние секој изборен циклус на сите избори испраќаме цели комисии коишто таму би требало да организираат фер и демократско гласање, меѓутоа не сите граѓани во дијаспората имаат можност да патуваат со часови за да можат да го остварат демократското право коешто им е загарантирано согласно Уставот. Дали вреди како држава да организираме избори за на тие избори во одреден град во нели во некоја странска држава да излезат само девет или 10 гласачи? Дали е тоа интерес на граѓаните?“, праша Панова и додаде:

„Во исто време не смееме да забораваме дека ние имаме нераскинлива врска со дијаспората. Тоа се наши граѓани, наши државјани, државјани на Република Македонија коишто сè уште имаат фамилии тука, а ние како власт имаме право да се надеваме дека истите еден ден ќе се вратат тука и ќе придонесуваат кон оваа држава.“

Пратеничката Панова ја истакна и контрадикторноста на опозицијата, која кога беше власт организираше електронско попишување на дијаспората, а денес е против овозможување на електронско гласање на истата, истовремено потенцирајќи го и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, гласањето на дијаспората да биде организирано и по пат на пошта.

„Ако можеше електронски да се попишат нашите граѓани државјани на Република Македонија коишто живеат моментално во странство, се попишаа електронски на пописот којшто беше организиран, зошто сега да не можеме да организираме електронско гласање или ете ние бевме флексибилни во нашата намера на начинот на којшто ќе биде спроведено ова гласање, дури понудивме истото да биде организирано и како гласање по пошта како што има многу случаи во Европа. Доколку светот оди напред со оваа технологија, доколку секој од нас може да извади кредит, може да плати огромни финансиски средства онлајн, имаме заштита на податоците, дури казни плаќаме, нели еве сега Сејф системот ни стигаат на меил и на порака, зошто да немаме доверба дека можеме како држава нашите институции имаат капацитет да организираат фер и демократски избори?“, заврши Панова.