22.11.2026

Мицкоски: Опозицијата ја дезинформира и манипулира јавноста со случајот Алта банка, Филипче и СДС ќе ги разочарам, а граѓаните ќе бидат задоволни, банката ќе се спаси

На денешната 35-та годишна Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „Нашата генерација-нашата Македонија“, која се одржа во салата „Расадник“ во општина Кисела Вода, свое обраќање имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, кој се осврна и на активностите на опозицијата, која во отсуство на идеи и програми е во, како што вели Мицкоски, тотална безидејност, и е насочена кон манипулација на јавноста и ширење на дезинформации во врска со случајот Алта банка.

„Би сакал во оваа прилика да одговорам на една последна интенција која ја создава опозицијата. Тоа е нивната јасна намера надежта да биде убиена преку море на дезинформации и креирање на наслови и вести кои мора да создаваат дефетизам. Мудрите велат каква ти е душата, такви ти се мислите. Сакам да предупредам на една активност на опозицијата и нивните блиски структури на ширење на дефетизам. Немаат програма, немаат идеи, туку се посветени на рушење и во тотална безидејност. Повторуваат дека е од лошо полошо и секој успех сакаат да го претворат во неуспех. Се лепат до секоја семејна расправија, секаков инцидент и како ситни профитери се обидуваат да стекнат некакви политички поени“, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски посочи дека опозицијата самата ги започнала деловните односи со Алта Банка Србија и нејзиниот сопственик, години наназад, за што во Собранието, самиот Мицкоски, пред јавноста покажа и документи, и му порача на опозицијата дека ќе останат разочарани, а граѓаните задоволни бидејќи, како што кажа Мицкоски, банката ќе се спаси.

„Погледнете како дезинформираа и манипулираа со последниот случај со Алта банка кој е всушност увезен проблем затоа што мајката банка во Србија пропадна, банкротираше. Среќа во очите им излегуваше што мислеа дека ќе пропадне банката и луѓе ќе загубат пари. Притоа многу лесно го заборавија случајот со Еуростандард банка каде луѓето вистински загубија пари преку свесно и намерно обезвреднување на капиталот на банката. Притоа директно не нападнаа дека јас нешто наводно сум договарал, а тие самите години наназад започнале деловни односи со истата таа Алта Банка Србија и со истиот тој сопственик на таа банка, за што покажав и документи за време на она т.н. сослушување во македонското собрание. Па потоа почнаа да шират информации и делат обвинувања дека наводно можел да ја купи банката некој криминалец“, кажа Мицкоски и додаде:

„Морам да им кажам дека ќе останат разочарани, а граѓаните задоволни. Банката ќе се спаси. Парите на граѓаните ќе останат достапни за граѓаните, а жална вест за опозицијата, добра и среќна за граѓаните и Македонија“.