22.11.2026

Мицкоски: Почнуваме кампања Очи в очи, јас и членовите на ИК ќе одиме од место во место да ги слушнеме граѓаните

На денешната 35-та годишна Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „Нашата генерација-нашата Македонија“, која се одржува во салата „Расадник“ во општина Кисела Вода, свое обраќање имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски при што ја најави новата кампања „Очи в очи за подобро“ за интензивни посети на општинските комитети.

„Затоа ние излегуваме меѓу граѓаните и сакам да објавам нова активност одовде, од оваа сала, дека од овој викенд, следниот и во сите наредни до крајот на годината членовите на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и јас лично, започнеме со интензивни посети на општинските и месните комитети на партијата. Ќе одиме од град во град, од населено место до населено место. Почнуваме кампања Очи в Очи за подобро“, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека понекогаш најважните прашања не се поставуваат пред камера, туку тие се кажуваат тивко, на маса, меѓу луѓе што добро знаат колку е тешко, затоа што постојат работи што не можат да се разберат од извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати.

„Тие мора да се слушнат директно од луѓето. Токму затоа треба да разговараме очи в очи. Без однапред определен одговор и без барање сите да бидат и да мислат исто. Ќе зборуваме за она што е завршено со датум, доказ и резултат. За започнатото со јасна фаза, цена и рок. И за она што мора да се подобри со разбирање за луѓето кои веќе предолго чекаат. Не за да слушнеме само пофалби. Не за да ја повторуваме веќе познатата слика. Туку за да разговараме и за она што функционира, но и за она што не функционира“, појасни Мицкоски.

Не ветуваме, додаде Мицкоски, дека еден разговор ќе реши сè, но секој сериозен разговор може да открие што недостига, кој е надлежен и што треба да се провери повторно.

„Довербата не е нешто што еднаш се добива и засекогаш се задржува. Таа се проверува секој ден, во одлуките што секојдневно се носат, во ветувањата што се исполнуваат, во проблемите што се решаваат, но и во оние што предолго остануваат нерешени. Нема напредок без вистина за состојбите, нема доверба без почит, нема подобро без работа што може да се измери. Очи в очи за подобро и нема застанување. Од напролет на трибини меѓу целиот народ, од село во село, од град во град со народот заедно, рамо до рамо за подобра иднина, подобра иднина за младите“, порача Мицкоски од годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.