31.07.2026

Стојаноски: Со ребалансот на Буџетот се издвојуваат дополнителни средства за реализација на капитални проекти кои ќе генерираат дополнителен раст во економијата

„14,5% се повисоки средствата во ставката за реализирање на капитални проекти, а понатаму се зголемуваат средствата и за социјални трансфери и за оние обврски кои што државата ги има кон граѓаните, и за повисоки плати и за повисоки пензии, нешто што сметам дека е суштина на вака поставен буџетски документ“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување во Дневникот на МРТ1.

Пратеникот Стојаноски напомена дека ребалансот на буџетот се прави во моменти кога одредени приоритети треба да се прекројат односно на некои ставки да се даде поголем приоритет, а тоа се ставките кои гарантираат реализација на повеќе капитални проекти.

„Над пет милијарди денари повеќе за реализација на капитални проекти од овој момент до крајот на годината. Развојните потпрограми се повисоки за над четири милијарди денари, што укажува дека проширувањето на дефицитот ќе оди исклучиво во финансирање на капитални проекти кои што ќе генерираат и покачување на економијата“, кажа Стојаноски. 

Стојаноски потсети дека последните 7 квартали растот на БДП е над 3% и дека истиот е генериран од вложувањето во капиталните проекти, странските директни инвестиции, како и помошта на домашното стопанство. 

„Ние одлучивме дополнителни средства да вложиме во реализација на капитални проекти за да можеме да го поддржиме нашиот модел на раст на бруто домашниот производ и тоа е сосема јасно“, рече Стојаноски и додаде:

„Во овој момент граѓаните треба да бидат спокојни, нема да се покачи јавниот долг, напротив, видовме денеска дека е намален и она кое што ќе се финансира со тој дефицит ќе иде исклучиво во мултипликативниот ефект на економијата, а тоа е градежништвото“.

Пратеникот Стојаноски исто така, потенцираше дека месецот јуни беше историски месец од кога постои независна Република Македонија на наплатени царински давачки, споредено со месец јуни претходната година, бидејќи државата успеала да инкасира педесет милиони евра плус преку царината и тоа само по основ на царински давачки.

„Даноците се повисоки, наплатата на даноците е двоцифрена, 16,14,12 проценти кумулативно кој данок ќе го земете како посебно, што значи дека државата веќе ја супресира сивата економија, има повеќе дисциплинирани плаќачи на данок и на царина и токму тоа на нас ни дава простор да укажеме дека вака дизајниран ребаланс може да издржи посериозни кризи од тие кои што се сега присутни“, заврши Стојаноски.