06.07.2025

Мицкоски: Најдоброто допрва доаѓа, ВМРО-ДПМНЕ со нови кандидати, ваши луѓе што решаваат проблеми и носат проекти за вас – Орце Ѓорѓиевски со амбициозен план за развој и промени во Скопје

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувана македонска јавност,

Македонија влегува во нов изборен циклус за локалната власт.

На овие избори, ние настапуваме со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигаше на државата и на општините со децении. 

Истовремено, ќе излеземе пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.

Во изминатиот период покажавме дека можеме да ги менуваме работите, и тоа во тешки услови, по децениско занемарување и ерозија на институциите. Овојпат, гласот на граѓаните нема да биде само избор. Тој ќе биде сигнал дека промените мора да се случат, сега, безусловно и неповратно.

Борбата што ја водиме не е само политичка. Таа е борба за граѓанинот. Граѓанинот е во центарот на секоја промена. Секој ден, секој чекор, секоја мала победа е повеќе од зборови. Тоа е потврда дека вреди.

Народот сака свој човек за градоначалник, човек на кого може да се потпре кога му е тешко, кога има проблем. Затоа при изборот на кандидатите водевме сметка тие да бидат вистинска поддршка на граѓаните, луѓе кои ќе бидат во служба на својот народ.

Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа.

Почитувани,

Денес на седницата на Извршниот комитет, која што се уште трае, донесовме одлуки за кандидатури во повеќе општини, вклучително и за градот Скопје.

Кандидати за градоначалници се:

За Гази Баба – актуелниот градоначалник Бобан Стефковски;

За Карпош Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, има успешна професионална кариера со менаџерски способности;

За Лозово – актуелниот Бошко Цветковски;

За Пехчево – актуелниот Александар Китански;

За Ресен – актуелниот Јован Тозиевски;

За Зрновци – актуелниот Борчо Коцев, коишто се актуелни градоначалници коишто зад себе имаат успешни резултати и минат труд во изминатиот период.

За кандидат за градоначалник на Скопје, го предлагаме Орце Ѓорѓиевски.

Одлуката за Орце се темели на неколку клучни факти.

Прво, анкетите покажуваат дека тој води убедливо, дури и пет пати повеќе од било кое од решенијата што се споменуваат од СДСМ.

Второ, одлуката за него е резултат на тоа што тој како градоначалник на Кисела Вода, со својата максимална посветеност, работливост и постојано присуство на терен покажа и докажа дека и умее и сака да работи за граѓаните и од она кое што јас можам да го кажам за Орце, за оној период што го познавам, а го познавам многу долго време, знам дека е исклучително мотивиран најпрво да победи, а потоа и да победува секој ден за градот Скопје и за скопјани.

Тој е отворен, достапен и посветен работник кој решава проблеми. Нова енергија каква му е потребна на Скопје, после едно 4 годишно девастирање и замреност на градот.

И кога сме кај градот, верувајте, ги научивме сите лекции за да не погрешиме сега повторно во изборот за прв човек на градот. Пред се,затоа што Орце веќе е докажан работник и делата во Кисела Вода кои ги направи за општината говорат за него. Сега ќе има нова задача да го развива Скопје, да ја нормализира неговата работа и да го врати на скопјани. А, јас сум убеден дека и со заедничка работа со централната власт и Владата за Скопје доаѓаат добри денови, решавање на клучните проблеми, превозот, хигиената, урбаниот хаос. Ќе понудиме програма, но и заедничка работа и визија за Скопје.

Почитувани,

Во овие избори влегуваме како фаворити, а тоа за нас значи само едно: уште поголема одговорност да направиме повеќе.

Да работиме домаќински, да градиме општини и да носиме одлуки за важни прашања. Да покажеме дека знаеме да решаваме проблеми, да поставуваме темели за иднината и дека најдоброто допрва доаѓа за секој еден граѓанин.

Македонија е и мора да остане на вистинскиот пат. Затоа што тоа е патот на успехот, промените, напредокот и вистинскиот просперитет. 

Тоа е патот по кој институциите се зајакнуваат, државата се обновува, а иднината на граѓаните се гради со одговорност и визија. Не смееме да дозволиме враќање назад, во оние седум кобни години кога институциите беа разнебитени, законите беа погазени, а државата и иднината на народот беа ограбени и изневерени.

Денес сме на патот на обнова. Патот што значи ред, правда, инвестиции, и грижа за секој граѓанин. И токму затоа, мора да продолжиме со уште поголема сила и уште поголемарешителност, за Македонија да биде онаква каква што ја заслужуваме.

Ви благодарам.