01.07.2025

Димовска: Македонија се трансформира во земја на можности и наша обврска е да создадеме држава каде што вредностите и работата ќе бидат столб на општеството

Даниела Димовска, в.д директорка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото во Република Македонија и претседателка на Kомисијата за односи со невладини организации при ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на вчерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува, УЖ“ истакна дека да се биде дел од ВМРО-ДПМНЕ значи да бидеш чесен, достоинствен и секогаш со народот.

„За мене ВМРО-ДПМНЕ не претставува само политичка партија, туку идеја што се темели на љубов кон татковината, постојано присуство меѓу народот и секојдневна борба за подобро утре“, вели Димовска.

Димовска нагласи дека Агенцијата за поддршка на претприемништвото ја реализира мисијата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку конкретни и силни чекори во поддршка на малите и средните претпријатија кои се срцето на секоја здрава економија и се двигатели на позитивни  промени во локалните заедници.

„Агенцијата за поддршка на претприемништвото е создадена со цел да ги спроведува владините политики за малите и средни претпријатија, што всушност и претставува срцето на една економија, бидејќи малите и средните претпријатија создаваат работни места, нови производи, иновации и најчесто се првите коишто ја носат промената во локалните заедници. Сметам дека силна економија се гради токму со храбри луѓе, со семејни бизниси, кои не чекаат можност, ја креираат самите“, вели Димовска.

Димовска истакна дека во рамки на Оперативниот план за 2025 година, Агенцијата активно учествува во реализација на една од најатрактивните мерки, поддршка за самовработување, каде апликантите имаат можност да добијат грантови од 7.000 евра до 20.000 евра, за основање сопствен бизнис. Според неа, ова е чекор кон градење на економија која се темели на храброст и знаење. Таа објасни дека апликантите во целиот процес ќе добијат реална, практична и стручна поддршка.

Димовска укажа дека Македонија има потенцијал и време е за претприемачка инфраструктура. Таа нагласи дека целта е Македонија да се позиционира како претприемачки хаб во регионот.

„Ние изминатиов период сме постојано на терен помеѓу претприемачите. Сакаме за следната година да направиме програма. Разговараме директно со претприемачите и црпиме информации и идеи, бидејќи сакаме програмата да биде од претприемачи за претприемачи. Тие знаат што им е најмногу потребно  што можеме ние да им го пружиме како поддршка. Ќе  направиме една навистина  убава и квалитетна програма што ќе им донесе и на нив едни убави резултати во нивното понатамошно работење“, истакна Димовска.

Димовска испрати силна и јасна порака дека Македонија се трансформира во земја на можности и и додаде дека наша обврска е да создадеме држава каде што вредностите и работата ќе бидат столб на општеството, затоа што Македонија има потенцијал и време е да го реализираме.

„Трансформацијата е веќе започната, иако се уште е еден предизвик за нас. И да се надоврзам на претходното. Реалната поддршка е клучна. Самата трансформација си бара еден подолг процес, бидејќи истата треба да се темели на доверба ако сакаме да имаме долгорочни резултати. Посотојано сме на терен помеѓу младите и веќе трендот е променет, младите не бараат вработување, младите бараат можности, ние сакаме да им ги создадеме тие можности, и ние како агенција и нашата Влада“, заклучува Димовска.