02.10.2023

Стојаноска: Од власта треба да знаат дека со криминалци немаме работа, ниту преговараме, а ниту нешто договараме, уставни измени нема да има

Од власта велат тесни сме со времето, немаме време, но јас тој рок не сум го договорила. Тие ВМРО-ДПМНЕ не го слушаа кога алармираше, кога предупредуваше пред да се согласат на францускиот протокол. Мене времето не ми истекува, му истекува точно времето на Ковачевски, истакна Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Стојаноска додаде дека политичкото неискуство на Ковачевски го доведе до тоа да го прифати францускиот предлог.

„Немоќта, свесноста дека ова нема да се реализира, ќе ги доведе од власта до уште почести и поголеми грешки“, рече таа говорејќи за уставните измени.  

Таа посочи дека секоја грешка на власта директно удира по граѓаните и по државата за жал. 

„Менуваат експресно Кривичен законик, сега на ред е закон за амнестија кој што го најавуваат. Но, ништо од тоа нема да не одврати. Со криминалци немаме работа, ниту склучуваме договори, ниту преговараме, а ниту нешто договараме“, нагласи Стојаноска. 

Пратеничката рече дека на избори има да загубат. Граѓаните на избори ќе ја казнат оваа политика која што сега ја спроведува власта. 

„Власта се оддели од народот, нема веќе лице, а ниту пак храброст да се соочи со граѓаните“, укажа Стојаноска.

Таа потсети дека анкетите се огледало на тоа што ја чека власта на изборите. На сите анкети губат.