01.10.2023

Мицкоски од Струмица: Важно е да се приклучите и обединиме, од сите вас зависат промените

Почитувани членови на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Драги браќа и сестри,

Честа е исклучителна да се биде дел од еден ваков настан и тоа не само поради тоа што се одржува во Струмица, кое е посебно место и посебен предизвик за секој член на ВМРО, туку поради и самата суштина на самиот настан и оддавањето на почит на луѓето кои ја создаваа партијата. Унијата на ветерани е почетокот на ВМРО-ДПМНЕ која пак како таква е продолжение на столетната борба за слобода и она што потекнува од најдлабоките корени за македонскиот народ и претставува неговиот темел, организацијата која го одбележа постоењето и пркосната борба на Македонците за каузата во која непоколебливо и столетно верува – слободата, независноста и својата држава Македонија. Таа организација ВМРО на многу генерации им донесе тежок живот, страдања, ужаси, прогони, ама луѓето кои беа дел од нејзе се најдобрите синови и ќерки на нашата идеја за слободна Македонија. Така што, постои една папочна врска помеѓу Македонија и ВМРО, и тие се едни сопатници низ времето, чувари на огнот и затоа многумина од вас велат додека постои ВМРО, ќе постои Македонија.

Генерациите кои ги наследија илинденците ја наследија и градеа идејата за ВМРО, тие пак потоа ја чуваа организацијата, која се обнови кога дојде незавиноста. ВМРО-ДПМНЕ дојде како природен след на нештата зошто каде е Македонија секогаш таму ќе биде и ВМРО. Ветераните на ВМРО-ДПМНЕ ја имаа можноста и честа да бидат првите кои во свои раце го имаа предизвикот да создаваат држава. Со сите перипетии, светли и темни страни ВМРО-ДПМНЕ како легитимен наследник на идеите на ВМРО ја имаше неизбришливата трага во создавањето на независната македонска држава. И не е доволна само идејата, туку се потребни и луѓето да ја носат идејата. И тогаш, на почетокот на деведесеттите не беше лесно да си ВМРО-ДПМНЕ затоа што противник беше еден гигант и комунистички апарат граден со децении, проектиран за уништување и разбивање на секоја слободно мислечка идеја која е антипод за она што беше слово за ВМРО-ДПМНЕ своја држава, слобода, институции независност. Генерации Македонци беа жртви на комунистичкиот режим, во таа нималку лесна ниту пак рамноправна битка влегоа првите членови на ВМРО-ДПМНЕ на кои јас оддавам почит. ВМРО-ДПМНЕ не е на еден или двајца таа му припаѓа на народот, и на Македонија. Дури и при најголемите блескави мигови не треба да се заборави дека оваа партија е градена не врз елити, пари и блескава моќ, туку врз кауза, верба и борба која му припаѓа на народот. Мудроста и силата на ВМРО-ДПМНЕ не е во тоа колку имот поседува, туку во народот, белите глави пред мене, и институционалната меморија за нашата посветеност и борба за Македонија.

Оддавам почит за улогата за секој еден член на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ. Секој од вас има посебно место и заслуга за развојот на ВМРО-ДПМНЕ. И во име на тоа секако дека заслуга има секој член или поранешен претседател на раководствата на партијата изминатите 34 години.

ВМРО-ДПМНЕ има бурна историја преполна со емоции, различни гледишта. Произлегувале партии, фракции во минатото. Но речиси сите подоцна се враќале затоа што идејата во која веруваме е многу поголема и позначајна од секој поединец, секоја помала група или личен интерес. А оние кои денес не се со нас, или оние малкумина кои прават други планови или имаат некакви поинакви интереси или разлика со нас, сето тоа е толку неважно споредено со огромната цел – да се победи ова зло кое Македонија ја фрла на колена. Тргнете ги настрана личните интереси и приклучете се во нашата заедничка битка за промени, смена на оваа власт и градење на Македонија. Создавање на заедничка иднина, заедничка надеж каква заслужува секој еден човек. Нема мали или големи членови на партијата, нема позначајни и помалку значајни, туку браќа и сестри кои мора да се обединиме и да учествуваме во нашата историска битка за враќање на Македонија таму каде што припаѓа на народот. Да си ја врати овој народ Македонија. Македонија која е победничка. Македонија во која цврсто и непоколебливо веруваме и да создадеме промени кои ќе донесат иднина.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Луѓето од власта се свесни дека ќе им се случи народ и дека ги чека тежок пораз. Она што им преостана се интригите, сплектарењето и очајните чекори на редење на клинови, сеење омраза и византиски игри. Па така пред некој ден се состанале Ковачевски, Зечевиќ, Заев и Спасовски да прикажат дека се единствени и сплотени.  Потребата да се прави сето ова вушност ја покажува спротивната теза дека се длабоко поделени и раскарани. И добро е што се сретнале, затоа што така пропадна уште една теза на одредени кругови на власта, па и на оние нивни лакеи во опозицијата дека имало било каква тајна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Заев.

Пред некој еден еден новинар, репортер ме праша дали ја видов фотографијата. Му одговорив потврдно, да ја видов. Она што го има таму се луѓе кои направија многу штета за која следува многу години одговорност за сето она што им го донесоа на Македонија и на народот. А одговорноста за сите нив следи веднаш по поразот на избрите каде промените се неизбежни и ние како држава нема да одиме напред ако нема правда, а правда мораме да донесеме и јас ви ветувам дека ќе донесеме

И оној срамен Закон за амнестија на криминалци кој сега го поднесоа е само показател за очајот во кој се наоѓаат. Прво си донесоа по скратена процедура, злоупотребувајќи го европско знаменце Закон за измена на членовите на КЗ со кои сакаат да мислат дека се заштитени по падот од власта, а сега пред изборите прават сценарио за слобода на голем дел криминалци, мислат дека тие ќе им помогнат во изборната кампња.  Ковачевски морам да признаам, плаќа висока цена за својата коалиција, и силно го деградира нашето општество каде принципот на неказнивост стапува на сила. Криминалците не се плашат од одговорност, зошто самата влада продуцира неодговорност. Од друга страна со мирна совест излегуваат и си велат дека следеле европски практики, а никаде во Европа нема терористи да ви убијат 5 луѓе од кои 4 деца како што беше случајот со Смилковското езеро и сега нивните џелати да ги пуштаат на слобода со Закон за амнестија. Ќе ве потсетам ако се сеќавате велеа „нема правда нема мир“, ветуваа дека ќе се дознаела вистината за убиството за Смилковското езеро, организираа протести, заведуваа народ, ги лажеа родителите на настраданите, за да сега истите тие се борат за нивната слобода. Да излезат тие и стотици други кои правеле разбојништва, кражби, перење на пари и слично. Ова се последните очајни крици на власта. Овој закон за слобода на криминалци меѓу кои и оние од Монструм за кој нема европско знаменце што значи нема скратена процедура ќе мора да се дискутир во парламентот за него по стандардна процедура ВМРО-ДПМНЕ отворено кажува дека ќе го блокира. А ако решат да ги злоупотребат своите овластувања, како што тоа го направиле досега многупати, и повторно злоупотребат скратена процедура и европско знаменце на овој закон, тогаш ќе побарам од Извршниот комитет и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ поддршка за одлуката пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот. Нема да дозволиме тие да ја убиваат правдата, и да не го слушаат народот. Во тој случај само нивен ќе биде срамот и одговорноста. Ова е порака и до меѓународната заедница поактивно да се позанимава со тоа што работи оваа влада. Затоа што оваа држава не постои само за едно прашање уставните измени, додека милион други теми, важни за народот поминуваат без никаков притисок и коментар од нивна страна. Тоа мора да се смени. Мора да се одбранат принципите на право, правда и правна држава, зошто ако тоа не се случи, тогаш можам да констатирам дека ние држава немаме.

Имаме разнишана држава со изразена неспособна власт, која наметнува исклучително тежок живот. И при вака една тешка позиција за Македонија постои и специфична и тешка атмосфера на несигурност и секогаш подготвено буре барут на Балканот.  Македонија ја оставија надвор од Европската Унија и ја заглавија во билатерани спорови, во договори кои не доведуваат во подредена состојба на диктати кои се ултиматумот земи или остави. Од друга страна гледано низ историска призма борбата на секоја генерација на секој народ е да обезбеди и освои подобри и нови позиции нормално сето тоа е потребно за да има подобри влијанија за својата драва. Оваа генерација не само што не обезбедува нови победи и подобри позиции, туку ги губи и оние кои ги стекнале минатите наши генерации. Ние од постоење на Бледски договор потпишан 1947-та година кој се случил помеѓу тогашна комунистичка Бугарија и тогашната федерација во чија составен дел беше Народна Република Македонија, каде се разговара и договара признавање на културната автономија и идентитетска потврда на Македонците во Бугарија, стигнавме за само 7 децении подоцна до позиција на одрекување од Македонците во Бугарија, притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат и редица отстапки кои се во насока на себеодрекување.

Многу е ова важно затоа што многумина во македонското општество оваа го потценуваат и многумина денеска се обидуваат да ни кажат дека ако не го прифатите диктатот во кој не сме ни биле учесници, тогаш за нас нема Европа. Навистина жалам што повторно по којзнае кој пат Европа е доведена во заблуда од стана на криминални политичари во Македонија и на Балканот исполнувајќи ги бугарските интереси за жал е заложник на руската политика на Балканот. Македонија и ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш во историјата биле и се стремеле и имале прозападна ориентација. Немало дилема од самото формирање до ден денешен. Но ајде да се вратиме назад во историјата и да видиме кој е заложник на руските интереси на Балканот и кој на Македонецот и на Македонија секогаш им заривал од време на време нож во грб, којшто таа стоечки и достоинствено го издржувала.

Ќе ве потсетам на Сан Стефано на договорот помеѓу тогашните министри за надворешни работи на Русија и на Отоманската империја, кога Русија и ја подарува денешна Македонија на тогашна Бугарија, која патем речено не била ни држава туку автомонија во Османлиското цартсво. За наша среќа после со Берлинскиот конгрес овој договор е поништен. Не така одамна 1947 година во Блед е потпишан договор со кој Бугарија се обврзува да признае културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија, западна Бугарија тогашна и тоа го прави со дела. Повеќе од 70 учители од тогашна Народна Република Македонија која е рамноправна република во тогашната федерација ги учат нашите дечиња Македонци во Пиринска Македонија во Западна Бугарија. 1947 година е отворен Македонски народен театар каде имало претстави на македонски јазик. Македонскиот јазик бил факт и не бил оспоруван од никого. Дури и се размислувало за бришење на границата помеѓу тогашната федерација и комунистичка Бугарија. Пристапот на тогашниот комунистички диктатор бил веднаш а пристапот на тогашниот бугарски комунистички претседател Ѓорѓи Димитров бил откако ќе се направи бугарската федерација и југословенската федерација во една федерација. Не било доведено тоа под знак прашање. И што се случило, повторно Сталин во времето на Информбирото одлучува да му нареди на бугарскиот комунистички врв, еднострано да го напушти Бледскиот договор, а со тоа да ги избрише сите оние стекнати права на Македонците во Пиринска Македонија во западниот дел од Бугарија. И денеска повторно ние сме сведоци на оној договор Ковачевски-Петков. На оној двоец Османи-Ковачевски да беше Тодор Живков жив ќе бил сигурно многу горд и на Димитар Ковачевски и на Бујар Османи, можеби ќе биле најблагонадежните Бугари, затоа што дури ни бугарското раководство не можеше да замисли дека некој може да стави потпис на таков договор.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ во услови после историска победа која се случи последните локални избори, во услови на историски највисок рејтинг, сега не е 2:1 во однос на СДСМ, сега е многу повеќе, во услови кога сме многу блиску до мнозинство во Парламентот, повторно сите наоколни држави се будат и повторно сите се вознемирени затоа што ВМРО-ДПМНЕ, денеска наследник на историското ВМРО е пред прагот да го повторно обедини македонскиот народ и граѓаните во Македонија на следните парламентарни избори за историска рекордна победа.

Имајќи го сето ова предвид мојата порака денеска од од овде е не за диктати кои се носат помеѓу корумпирани политичари и тесна група на луѓе. ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе остане прозападна политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ не е ниту пробугарско, просрпско, прогрчко, ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија за македонско национално единство и е промакедонско, било и ќе биде.

А мојата порака до меѓународната заедница е да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. ВМРО-ДПМНЕ додека јас сум претседател и додека сум, жив нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат како што сега е ставен во парламентот.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Историски гледано најголемиот непријател и најголемата пречка во сите наши предизвици е неединството. Тоа е дивото месо на Македонија визави сите колективни неуспеси и порази.

Тоа неединство на народот е стимулирано секогаш од групи и центри кои посакувале на тој начин да ги заштитат личните интереси за сметка на колективниот интерес. Власта знае дека е декласирана и она што со сите сили сега преку разно-разни лакеи инсталирани во опозицијата сака да постигне е неединство. Затоа ве повикувам сите вие многу трезвено и со внимание да не подлегнувате на оние кои лажно се претставуваат и сакаат да наседнете во пропагандата дека сите се исти. Ако сте незадоволни, силно разочарани, со многу омраза и гнев за она што се случува, мораме да бидеме единствени. Многу омраза и гнев, за жал, е насобрано во нас поради сето она што се случува, а да бидеме единствени е нашата единствена опција. Само така ќе бидеме сили и нескршливи со сила за промени. Повикувам на обединување на народот против оваа власт. На една страна власта и нивните слуги и лакеи, на друга страна ние, народот на Македонија. Повикувам на единство потребно за силни промени кои ќе значат победа на принципите, надежта и заедничкиот патриотизам во кој силно верувам. Да постигнеме единство и обединување против злото кое ја уништува секоја клетка во ова општество.

Во наредниот период јас и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидеме меѓу народот, на терен. Ќе отпочнеме со нов пристап и кампања најнепосредно меѓу народот. Ќе разговараме за проблемите, но и за решенијата. Народот мора да очекува и ќе добие понуда за тоа зошто мора да има промени. Но и дека промените зависат од секој еден поединец. Силата е во секој еден од вас.

Македонија се наоѓа на крстосница!

Изборот е повеќе од јасен: или ќе продолжи бездушната апатија која како вртлог ги влече луѓето кон дното или ќе ги промениме работите.

Тука не се работи само за националните деградирања, обезличувањата, колективните срамови, ударите по достоинството, честа и сиромаштијата – туку и навредата на интелигенцијата на секој човек.

Обидите да поверувате дека ништо не зависи од вас кога се’ е во вашите раце, да мислите дека личноста не може ништо кога вие можете се’.

Состојбата е тешка и многу лоша.

Економијата е на колена.

Здравството произведува смрт, а тие што го водат заработуваат од смртта.

Правдата е изгубена, а судот е заробен во канџите на врхушката од власта.

Истите судии од истите тефтери  продолжуваат да ја покажуваат својата сервилност. Само стопаните се различни.

Земјоделието е во хаос!

Бизнисот е под удар на политичкиот криминал на власта.

Се’ е во стагнација, само корупцијата цвета.

Изградија антикултура на неказнивост и дрско богатење! Направија да биде нормално да треба да се даде мито за обичен документ кој по закон следува.

А тендерите и милионите!? А тендерите и милионите од државните работи завршуваат во приватни џебови.

Илјадници луѓе се заглавени со кредити и чувствуваат несигурност. Живот на рати.

А иднината на сите ја одземаа со лошите договори, со рушењето на преговарачките позиции и влезот во слепа улица каде нема ЕУ.

Нема човек што е задоволен од оваа власт и нема човек што има надеж дека може нешто со овие исти луѓе, со иста матрица и нарав да се промени.

Овие 6 години дараги браќа и сестри, почитувани сограѓани зависиеа од нив, но внимавајте, следните 4, па и тие по нив, зависат единствено од вас. Од сите нас.

Сега повеќе од било сакам гласно да кажам – ВАЖНО Е!

ВАЖНО Е да го кренете вашиот глас!

ВАЖНО Е да се обединиме против лошото владеење!

ВАЖНО Е сега, вистински важно е да се приклучиш на промените и да знаеш дека од тебе зависи твојата иднина и иднината на твоите најблиски.

ВАЖНО Е сега да знаеш дека ако сакаш да ги промениш работите мора да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и само така твојот глас ќе има вредност и важност.

ВЖАНО Е да се направи разлика помеѓу власта, слугите и лакеите на власта во опозицијата и опозицијата која ја руши власта.

ВАЖНО Е твојот глас да се вреднува, сега да се делува и да се рушат неправдите, притисокот од власта, да стигне казната за криминалот.

ВАЖНО Е да учествуваш во решенијата и програмата кои ќе ги создадеме и понудата за која ќе се избориме.

ВАЖНО Е да победи надежта, да се гради иднина. МАКЕДОНИЈА да застане на нозе. Да изгрее сонцето на слободата, да ја кренеме главата, да дојде почетокот на обновата во која веруваме и за која се бориме.

Ова се мигови на пресвртница, на колективно рестартирање на деградираното општество и на враќање на вредностите во кои веруваме.

Лошите политичари не се и не смеат да бидат посилни од добриот и напатен народ.

Се бориме за достоинство, среќа и иднина!

За нашата горда и просперитетна Македонија.

За генерациите што немаа можност да се изборат, а оставија завет, но и за генерациите што доаѓаат.

За среќен народ!

За иднина во која веруваме заедно, само заедно браќа и сестри ќе победиме.

ВАЖНО Е.

ОД ТЕБЕ, ОД ВАС ЗАВИСАТ ПРОМЕНИТЕ.

БИДИ ДЕЛ ОД ГОЛЕМАТА ИСТОРИСКА ПОБЕДА ПРОТИВ НЕПРАВДИТЕ, ПОРАЗИТЕ И ЗЛОТО

СЛЕДИ ИСТОРИСКА ПОБЕДА НА МАКЕДОНИЈА

ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ

ДА ЖИВЕЕ ВМРО-ДПМНЕ

ДА НИ Е ВЕЧНА И ВЕКОВИТА НАШАТА МАКЕДОНИЈА