Сакаме да инвестираме во општината Василево минимум 6 милиони евра, размислувавме и дебатиравме и сумиравме неколку проекти кои ќе бидат важни за населението, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната средба со граѓаните во Василево во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависи“.
Претседателот Мицкоски се осврна на проектите кои се планирани, но рече дека дополнително ќе се планираат и реализираат и други проекти. Мицкоски информираше кои се планираните проекти.
„Тоа се фекални канализации кои се многу значајни во населените места Градошорци, Василево, потоа Радичево, Ангелци, потоа атмосферска или крак од атмосферска канализација во населено место Пиперево, потоа во Добрашинци реконструкција на филтер станицата, реконструкција на ова прекрасно училиште овде Гоце Делчев во Василево, нова месна заедница во Ангелци, нов пат во Нова маала до гробиштата, нов пат овде Василево од Културниот дом до 11 Септември, и ќе ми простат ако некој од проектите ги испуштив“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде „гледав генерално да ги споменам сите, но списокот не е затворен“.
„Мислам дека со ваква инвестиција ќе се направи голем исчекор во квалитетот на живот на населението“, кажа Мицкоски.На крајот на средбата со граѓаните тој им порача: „Овој пат не смее да ја испуштиме шансата за мобилизација околу ВМРО-ДПМНЕ, да не бидеме манипулирани. До секој глас е! По историската победа на локалните, сега сме пред две историски победи на парламентарните и претседателските избори. Од денеска сум посреќен зошто сме поблиску до историска победа а потоа заеднички со вас да испишеме историја“, кажа Мицкоски.