ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот на својот мандат ги стави младите во фокусот и ги постави како еден од главните приоритети во своето работење. Тоа го покажуваат и мерките и проектите што се реализираат во повеќе области, од подобрување на студентскиот стандард и условите за образование, до отворање на нови можности за вработување и самовработување.
Во моментов е актуелна темата за студентската картичка, преку која студентите ќе добиваат поволности и 20 проценти пониски цени за сите услуги што ќе ги користат преку апликацијата М-услуги.
За реализација на оваа мерка, сите надлежни институции работат координирано, со цел на студентите да им се обезбеди не само усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата, туку и дополнителни поволности за користење различни услуги, а ќе има и законско решение за истата.
Студентската картичка е само една од мерките насочена кон подобрување на условите за младите. Претходно беа преземени и низа активности со кои се вложува во нивното образование, дигитални вештини, студентски стандард и професионален развој.
Така, доделени беа 55.000 ваучери за електронски уреди во вредност од 250 евра, со цел студентите да имаат можност да користат современи технологии. Целта на оваа мерка беше намалување на дигиталната нееднаквост и поттикнување на дигиталната трансформација во образованието.
Покрај вложувањата во образованието, се работи и на подобрување на условите за престој на студентите. Реконструиран е студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој беше пуштен во употреба во септември годинава, со капацитет за сместување на 1.150 студенти.
Во тек е и реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, за која се издвоени околу 10 милиони евра. Се очекува студентите да можат да се вселат од 1 февруари наредната година, а домот ќе има капацитет за сместување на 280 студенти. Овој студентски дом е еден од деветте во државата кои се опфатени со проектот за реконструкција, со што се работи на обезбедување подобри услови за престој на студентите.
Истовремено, започнат е и процесот на дигитализација на универзитетите и воведување на електронски индекс, односно е-индекс, со цел модернизација на високото образование.
Важен дел од поддршката за младите е и нивното стекнување практично искуство, па во таа насока, реализирана беше мерката „Месеци на практикантство“, во август и септември годинава, во соработка со државните универзитети. Студентите добија можност своето академско знаење да го применат во пракса преку директна работа во општините.
Покрај образованието и практичното искуство, посебен акцент се става и на економската независност на младите, односно на нивната можност да започнат сопствен бизнис и да се вклучат на пазарот на трудот.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2025 година, преку Оперативниот план за вработување, за првпат воведе таргетирани мерки за младите преку Програмата за самовработување со грант, при што беа отворени речиси 2.200 нови правни субјекти.
И оваа година, како и во 2025 година, Оперативниот план за вработување опфаќа над 10.000 лица и е во вредност од 40 милиони евра. Од нив, 32 милиони евра се директно наменети за мерки за вработување, при што младите повторно се во фокусот. Планот опфаќа 6.000 млади лица до 29 години, а обезбеден е и младински додаток од 3.000 денари.
Почитувани,
Поддршката за младите не се сведува на една мерка или еден проект. Од најновата студентска картичка и поволностите што таа ги носи, преку подобрување на студентскиот стандард и условите за образование, до практикантството, самовработувањето и новите можности за вработување, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува активности насочени кон различни потреби на младите со цел тие да имаат подобри услови за студирање, можност за професионален и личен развој, економска независност и перспектива за својата иднина да ја градат тука, дома, во Македонија.








