25.11.2026

Стојаноска до Костовски: Дали имавте комуникација со тогашните владини функционери од СДС за Еуростандард банка?

Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, во рамките на која се одржа продолжението на надзорната расправа на темата: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, постави прашање до Трифун Костовски во врска со механизмите за спасување на Еуростандард банка, како и дали тој остварил средби со тогашни владини функционери.

,,Во периодот пред затворањето на Еуростандард банка, дали лично остваривте средби или комуникација со тогашниот премиер Зоран Заев, тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска или пак со било кој друг висок државен функционер и што конкретно побаравте од нив, доколку имало некаква комуникација и дали евентуално нешто имаме доказ за тие разговори и преземените обврски?“, праша пратеничката Стојаноска.

Таа посочи дека Костовски во изминатиот период јавно го поддржал пристапот на Народната банка кон Алта банка, односно преземените мерки за нејзино стабилизирање и обидот за обезбедување нов сопственик: ,,Кои конкретни механизми за спасување на Еуростандард банка ги имаше на располагање во 2020 година Народна банка, а според вас не ги искористи и дали тогаш формално или официјално побаравте воведување администрација наместо од она што се случи одземање на дозволата за работа“.