22.11.2026

Во најтешка состојба се СДС со показатели кои покажуваат дека пензиите и платите растат, инфлацијата е под контрола и цени на енергенсите најниски во регионот

Тешко е да се биде СДС во опозиција изминатиов период.

До толку се дојдени во исклучително тешка состојба, што веќе ниту знаат каде тераат, ниту умеат да ги читаат официјалните податоци, па преминуваат на она што најдобро знаат, со лаги и манипулации да ги заплашуваат граѓаните дека недостигаат пари.

ПИОМ е во стабилна состојба, пари има и пензиите редовно се исплаќаат, ниту еден денар на граѓаните не е загрозен. Напротив, над 300 илјади пензионери за две и пол години добија покачување на пензиите за седум илјади денари.

Тоа им смета на СДС кои, очигледно, сакаат пензионерите да бидат како во нивно време, понижени, непочитувани и без соодветни примања за достоинствен живот.

СДС имаат замерки и за платите кои не знаат или не сакаат, да ги читаат официјалните податоци и показатели, или пак не им одговара што платите во сите сектори, согласно и со колективни договори, се зголемуваат. Пред некој ден Државниот завод за статистика излезе со официјални податоци за месец септември, според кои реалната нето-плата споредено со септември 2025 година е зголемена на 5,2%.

Од друга страна зборуваат за поскапувања, а не гледаат дека инфлацијата во Македонија е најниска од земјите во регионот и далеку под европскиот просек, а економски раст десетти квартал по ред, откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи владата, е над 3%.

А во ек на светска енергетска криза Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со преземените конкретни мерки и активности успева цените на нафтените деривати да ги задржи на најниско ниво од земјите во регионот.

Сумирано, пензиите се стабилни, покачени и тие редовно се исплаќаат, платите се зголемуваат, економијата се стабилизира и заживува, инфлацијата е под контрола и далеку под европскиот просек, а цените на енергенсите се најниски во регионот.

Исто така, сметаме дека и оваа не е доволно, затоа што граѓаните заслужуваат уште повеќе и подобри услови и животен стандард и за тоа ќе се бориме и ќе работиме секој изминат ден.

Така што, со вакви показатели во најтешка состојба се токму СДС. Нека им е со лесно, ние нема да се откажеме од подобар живот за македонските граѓани, за на нив да им биде полесно.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи посветено и макотрпно да работи за повеќе инвестиции, повеќе капитални проекти, повеќе работни места и поголем економски раст.