19.11.2026

Велјановски до опозицијата: Не може да се заборави како ја пљачкавте државата, овој Буџет за 2027 година освен што е развоен, ги санира и штетите кои ги направивте

На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет каде се дискутираше Предлог-Буџетот за 2027 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, кажа дека и покрај долговите наследени од претходната влада, предводена од СДС, кои се тежок товар за државата, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со силни инвестиции, со работа на фискална консолидација, но и со зајакнување на здравствената и социјалната заштита на граѓаните.

„Буџетите кои ги предлага Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се финансиски реални планови, за функционирањето на државата, тоа е план зa исплата на плати, социјални надоместоци, план за исплата на пензии, за здравството, образованието, инфраструктурата и за инвестициите коишто треба да ја придвижат македонската економија“, вели Велјановски.

Тој вели дека опозицијата негира се што е направено за доброто на граѓаните и државата, но и дека постои огромна разлика од она што го правеше претходната влада на СДС во делот на економијата и актуелната Влада.

„Истите оние функционери, сериозни луѓе коишто беа на чело на институциите, поранешни министри, интелектуалци, цело време фрлаат кал на се она што е добро направено во овој период откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и сето она што е позитивно направено во државата и од нив не очекуваме да слушнеме пофални зборови, но сепак во одреден момент треба да прифатат дека, да има огромна квалитативна разлика помеѓу Владата на ВМРО-ДПМНЕ и владата на СДС“, рече тој.

Тој се обрати и до пратениците од СДС: „Колеги од СДС, затоа што сте најгласни за овој Предлог буџет, вие не можете да ја избришете меморијата и да направите од граѓаните да заборават што се случуваше во вашите седум години на владеење. Не можете денес да зборувате за тоа дека економијата почнала од 2024 година и да барате да заборавиме како ја пљачкосувавте државата и го урнисувавте системот со вашата неспособност и неработење“.

Велјановски посочи дека Предлог-буџетот за 2027 година е насочен да ја санира штетата која претходната влада ја нанесе на државата, но истовремено да обезбеди стабилност и развој.

„Факт е дека државата ја наследи со сериозни обврски и проблеми, дел од тие проблеми се и околу 5 милијарди евра кои стасуваат за отплата во 2027 и 2028 година. Тоа се пари кои се потребни за рефинансирање на долговите, камати и финансирање на дефицитот од 2,43 милијарди евра коишто се пари кои треба да се вратат во 2027 година. Тоа се тешки обврски за една мала држава, која мора притоа да се грижи и за стандардот на земјоделците, пензионерите, работниците, администрацијата, лекарите, полицајците и останатите. И притоа, да продолжиме со најсилните инвестиции во енергетиката, изградба на патишта, зајакнување на здравствената и социјалната заштита на граѓаните како никогаш до сега. Се уште се работи за буџет за финансиска консолидација, но тоа не значи дека државата ќе престане да инвестира. Напротив, ќе ги намалуваме долговите, ќе ги контролираме трошењата и истовремено оваа Влада ќе создава услови за економски раст“, заклучи Велјанвоски.