Една година од вториот мандат на градоначалникот Сашко Митовски е доволна за граѓаните на Крива Паланка да направат пресек и да побараат одговори. Наместо подобри комунални услуги, решени инфраструктурни проблеми и реализација на ветените проекти, општината се соочува со растечки долгови и нереализирани ветувања.
Според податоците со кои располагаме, заклучно со 30 јуни 2026 година, обврските на Општина Крива Паланка достигнале околу 128 милиони денари, а во третиот квартал финансиските обврски продолжиле да растат.
Особено загрижува случајот со Европската куќа, каде што просторот е затворен, а општинскиот имот, според информациите, е предмет на извршна постапка поради неплатени обврски. Додека градоначалникот ветуваше нов младински центар, општината не успеа да го заштити ниту постојниот имот.
Дополнително, граѓаните сè уште ги чекаат ветените мерки и проекти, како бесплатниот оброк за учениците до петто одделение, финансиската поддршка од 3.000 до 6.000 денари за пензионерите со ниски примања, помошта за набавка на огревно дрво, балон-салата во дворот на Касарната, главниот фекален колектор и пречистителната станица што никаде ги нема.
Наместо исполнување на ветувањата, граѓаните добиваат нови одложувања и оправдувања.
Сериозна е и состојбата во ЈП „Комуналец“, за кое информациите говорат дека се соочува со финансиски тешкотии и проблеми со редовната исплата на платите на вработените.
Ова отвора сериозни прашања за финансиското работење на претпријатието, висината на неговите долгови, доспеаните обврски и начинот на кој општинската власт планира да ја надмине состојбата.
Затоа бараме од локалната власт и градоначалникот да излезат пред граѓаните, како што пред избори им ги бара гласовите, со конкретни податоци и одговори, затоа што граѓаните заслужуваат да знаат каде се трошат нивните пари, зошто растат долговите и зошто ветените проекти не се реализираат.
Она што е реализирано во изминатиот период во Крива Паланка во значителен дел се должи на проектите и инвестициите поддржани од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а не на исполнување на предизборните ветувања на локалната власт.
Крива Паланка и граѓаните не заслужуваат власт која ветува, а не реализира, не заслужува растечки долгови и финансиска неизвесност, единствено што заслужуваат е одговорно управување, функционални институции и проекти што ќе го подобрат нивниот секојдневен живот.






