Почитувани жители на Центар, почитувани претставници на медиумите,
Денеска се наоѓаме во Дебар Маало, на улицата „Орце Николов“, каде што граѓаните пријавуваат проблем поврзан со објект, кој според нивните наводи, дел од површината зафаќа државно земјиште.
Наместо да добијат навремени одговори и институционални реакции, жителите се соочени со неизвесност. Затоа бараме Општина Центар да ги провери наводите, да ја утврди каква е фактичката и правната состојба на земјиштето и јавно да ги информира граѓаните за преземените мерки.
Дополнително, се отвора сериозно прашањето за капацитетот на градежната инспекција, која според нашите информации во моментот не ни постои. Според информациите што ги добиваме, во Општина Центар има околу 3.000 нерешени пријави од граѓани. Овие податоци бараат официјална потврда од Општината.
Господине Бетон Герасимовски, ако сега започнете да ги решавате наталожените проблеми. Колку време ќе им биде потребно на граѓаните за да добијат одговори? Општината не смее да биде заглавена во административни проблеми, додека граѓаните чекаат институциите да си ја завршат работата.
Во јавните настапи за време на кампањата во 2025 година, Бетон Герасимовски заедно со неговиот ментор Филипче ја истакнуваа непосредната комуникација со граѓаните и средбите „од врата до врата“. Но, граѓаните очекуваат таа комуникација да донесе и конкретни институционални резултати.
Затоа бараме Општина Центар да го разјасни статусот со пријавата на овој објект, да ја оспособи градежната инспекција и да започне со решавање на 3000 пријави од граѓани кои што се моментално во фиока.
Граѓаните не бараат невозможна работа. Бараат функционална општина, законито постапување и одговори на пријавите што ги поднесуваат.








