14.10.2026

За една година инфраструктурен развој во Берово, нова мултифункционална сала, детски игралишта, поддршка за семејствата, нови можности за младите

Една година по промените кои на избори ги донесоа граѓаните, Берово се развива преку конкретни проекти, одговорна работа и инвестиции што го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните.

Фокусот беше ставен на инфраструктурниот развој, унапредувањето на јавните простори, подобрувањето на условите во образованието, социјалната поддршка и создавањето повеќе можности за младите.

Еден од позначајните проекти е започнатата изградба на мултифункционална сала во рамките на Домот на култура „Димитар Беровски“, со која се отвораат нови можности за културни, општествени и други активности во градот.

Паралелно, реализирани се повеќе инфраструктурни зафати, како што е нова пристапна улица – крак од улицата „Мирче Ацев“, реконструирани се тротоари на дел од улицата „Задарска“, на улицата „Маршал Тито“ изграден е потпорен ѕид, додека во Ратево асфалтирана е улицата „Гоце Делчев“, изградени се канал за одведување атмосферски води и два потпорни ѕида, а се работеше и на одведувањето атмосферски води на улицата „Први Мај“, како и на доградбата на фекалната канализација во Ромското Маало.

Во тек се активности за реконструкција на повеќе улици, проширување на водоводната мрежа во Ратево и подобрување на локалната инфраструктура и дополнително, се вложува во уличното осветлување, уредувањето на јавните површини и заштитата од штетното дејство на водите.

Посебно внимание се посветува на најмладите, образованието и поддршката на семејствата, така што нови детски игралишта добија децата во Двориште и Будинарци, во училиштето во Митрашинци е поставена гумирана подлога на игралиштето, а се обезбедија услови за бесплатно предучилишно образование за деца Роми од социјално ранливи семејства.

Општината издвојува средства за учениците, првенците на генерацијата, првачињата, учениците запишани во прва година гимназија, новороденчињата, студентите и лицата со попреченост, а предвидена е и поддршка за младите при полагање возачки испит од Б-категорија, како и субвенции за клима-уреди, со приоритет за постари лица што живеат сами.

Во образованието се преземаат активности за подобрување на условите за работа и учење, вклучително и подмирување на дел од натрупаните обврски на СОУ „Ацо Русковски“, со цел стабилно функционирање на училиштето. Воедно, се реализираат проекти преку програмата Еразмус+, а во основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ се преземаат активности за подобрување на училишната средина.

Поддршката за граѓаните се проширува и преку спортот, соработката со локалните спортски клубови, организацијата на турнири и работничките спортски игри, континуирано се вложува и во опремувањето на Територијалната противпожарна единица во Берово, која доби и специјално противпожарно возило донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње од Словенија и дополнително, се обезбедува поддршка за повозрасните граѓани.

Од друга страна, општина Берово останува посветена и на развојот на културата и туризмот, преку организирање и поддршка на културни манифестации, особено „Етно плоштад фестивалот“ и саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, се промовираат локалните производители, традицијата и туристичкиот потенцијал на Малешевијата.

Посветената работа на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со јасна цел, Берово да биде општина во која граѓаните ќе имаат подобри услови за живот, а младите повеќе причини да останат, да се развиваат и својата иднина да ја градат во родниот крај.