Изминатиот период, Општина Гевгелија продолжи посветено со реализација на проекти кои носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за забрзан развој на општината.
Еден од значајните проекти е реконструкцијата и реставрацијата на фасадите и партерното уредување на Старата чаршија, со што се зачувува автентичниот изглед на овој простор и се создава нова туристичка атракција, а во тек е и реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, од градската библиотека до Железничката станица, при што ќе се зачува препознатливиот изглед со калдрма.
Целосно е реконструирана и спортската сала ДТВ „Партизан“, а по завршувањето на опремувањето со спортски реквизити, наскоро се очекува нејзино ставање во употреба, со што се создаваат подобри услови за спортски активности и за развој на спортот кај младите.
Во делот на капиталните инвестиции, пуштен е во употреба новиот објект на детската градинка „Сончогледи“, со капацитет за дополнителни 140 деца и реконструкција и асфалтирање на улици во Прдејци, Богородица, Давидово, Моин и Гевгелија.
Особено значајни се вложувањата во комуналната инфраструктура, при што во урбаниот блок 4.4 во Гевгелија изградени се нова водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација на повеќе улици, фекална канализација во Милетково, а во Мрзенци се реализирани проекти за нова водоводна линија и фекална канализација и атмосферски канализации на повеќе улици.
Посебно внимание се посветува и на уредувањето на јавните простори и заштитата на животната средина, при што на булеварот „Гевгелија“ на улицата „Деко Ковачев“, се изгради нов урбан парк на површина од 3.150 квадратни метри, со детско катче за најмладите, додека во Миравци е уреден модерен урбан парк со површина од 2.500 квадратни метри, а во Негорци реализацијата на нов урбан парк со детско катче на површина од 2.000 квадратни метри, е во завршна фаза.
Во наредниот период се предвидува уредување на зелената инфраструктура кај Сува Река, на површина од 25.000 квадратни метри, со што Гевгелија ќе добие значајна нова зелена површина, во рамките на еколошката акција „Да пуштиме корени во Гевгелија“ засадени се 14.000 нови чемпреси, а поставени се и специјализирани контејнери за текстилен и електричен отпад.
Вложувањата во образованието и грижата за најмладите продолжуваат со подобрување на условите во основните училишта, при што од оваа учебна година сите ученици во основните училишта добиваат бесплатни униформи, а се инвестира во нови инвертер клима-уреди, паметни табли, компјутерска опрема, прочистувачи на воздух и подобрување на училишните простории, додека во ООУ „Владо Кантарџиев“ е опремена и сензорна соба со потребните помагала за децата со попреченост.
Се отвори и Дневен центар за стари лица со капацитет за 50 корисници, кој обезбедува социјални, културни, едукативни, креативни, рекреативни и здравствено-превентивни активности, создавајќи можности за активен и поквалитетен живот на повозрасните граѓани.
Во општината се реализирани две големи трговски инвестиции како што е Mega Shopping Park, на површина од 20.000 квадратни метри, и Gevgelija Mall со Vero Jumbo, лоциран покрај автопатот Е75, во близина на граничниот премин Богородица. Овие инвестиции носат нови содржини, над 400 работни места и дополнителен потенцијал за развој на трговијата, услугите и туризмот.
Паралелно, продолжуваат активностите за подобрување на туристичката понуда, зачувување на културното наследство и создавање подобри услови за спортски и културни активности. Во завршна фаза е и реконструкцијата на старата училишна зграда во Серменин, која ќе биде адаптирана во туристички информативен центар и простор за одржување настани, со предвидена велосипедска патека во должина од 1.005 метри до манастирот „Св. Илија“.
Ваквите вложувања во инфраструктурата, образованието, животната средина, социјалната заштита и економскиот развој ја поставуваат Гевгелија на патот кон уште помодерна, поуредена и поразвиена општина.








