09.10.2026

Маневски: Зелениково со значајни проекти и инвестиции – градски воз до Скопје, обновена амбуланта и реконструирани улици

Почитувани сограѓани, почитувани жители на Општина Зелениково, дами и господа,

Пред скоро една година ја добив вашата доверба повторно да ја предводам Општина Зелениково. За мене таа доверба претставува голема чест, но пред се голема обврска – да продолжиме со работа, да ги решаваме проблемите и чекор по чекор да создаваме подобри услови за живот во секое населено место во нашата општина. Денес, пред вас излегувам со отчет за сработеното.

Не само со зборови и планови, туку со конкретни проекти и видливи резултати на терен. Зад нас е период во кој работевме на патната и комуналната инфраструктура, вложувавме во здравството, набавивме нова механизација, изградивме пешачки патеки и продолживме со директна поддршка за нашите граѓани.

Во првата година од новиот мандат значителен дел од нашата работа беше насочен кон подобрување на локалната патна инфраструктура. Реконструирана е локалната улица над последната автобуска постојка во Станица Зелениково. Реконструирана е улицата од влезот на Ново Село до сред село. Реконструирана е улица кон местото викано Чука во Зелениково, како и улицата кај месноста Јурија.

Во Орешани ја реконструиравме и локалната улица под железничката пруга. Секој од овие проекти значи подобра поврзаност, побезбедно движење и подобри услови за секојдневниот живот на нашите жители. Нашата цел е јасна инфраструктурниот развој да стигне до секое населено место во Општина Зелениково.

Работевме и на подобрување на условите и безбедноста на пешаците. Во Орешани е изградена пешачката патека од Домот за стари лица „Панада“ до „Марко Цепенков“. Во Зелениково изградивме пешачка патека од мостот на главната улица до преминот преку Зелениковска Река.

Со овие проекти создаваме поуреден јавен простор, но пред сè обезбедуваме побезбедно движење за нашите деца, повозрасните лица и сите наши сограѓани. Во изминатата година сериозно ги зајакнавме и капацитетите на нашите комунални служби.

Набавено е ново специјализирано возило за собирање и транспорт на комунален отпад. Обезбедивме и мултифункционално возило за одржување на патната инфраструктура. Со новата механизација општината има можност побрзо и поефикасно да интервенира на терен, подобро да ја одржува патната инфраструктура и да обезбедува поквалитетни комунални услуги.

Тоа е инвестиција која ќе им служи на граѓаните долги години. Еден од позначајните проекти е и реконструкцијата на амбулантата во Зелениково.Со реконструкцијата на фасадата и промената на кровниот покривач обезбедивме подобри и подостоинствени услови во објектот во кој нашите жители добиваат здравствени услуги.

Грижата за здравјето и подобрувањето на условите на нашите граѓани остануваат важен дел од нашата работа. Но развојот на една општина не се мери само со асфалтирани улици, нова механизација и изградени објекти.

Општината ја прават луѓето. Затоа продолживме со еднократната финансиска поддршка за новороденчињата, како помош за семејствата при доаѓањето на нов член. Продолживме и со поддршката за семејствата со првачиња, а обезбедивме финансиска поддршка и за полуматурантите.

Со овие мерки испраќаме јасна порака дека Општина Зелениково се грижи за своите најмлади жители и за семејствата. Продолжуваме да го поддржуваме и локалниот спорт, како и Доброволното противпожарно друштво, затоа што сакаме силна, активна и безбедна локална заедница.

Посебно значаен за нашата општина е проектот Градски воз Зелениково–Скопје. Со него Зелениково добива подобра и побрза поврзаност со главниот град, а нашите жители дополнителна можност за секојдневно патување до Скопје.

Овој проект не значи само подобар превоз, туку отвора и нови можности за развој, инвестиции и поголема атрактивност на Зелениково како место за живеење. Во изминатата година значаен дел од проектите ги реализиравме со поддршка од Владата и надлежните институции.

За општина како Зелениково оваа соработка е од големо значење, бидејќи ни овозможува да реализираме повеќе капитални проекти и инвестиции. Ќе продолжиме да ја користиме секоја можност за обезбедување дополнителни средства, со една единствена цел, подобар живот за граѓаните на Општина Зелениково. Продолжуваме со работа!

Почитувани сограѓани,

Ова е отчет за само првата година од новиот мандат. Направено е многу, но пред нас има уште многу работа. Имаме улици кои треба да се реконструираат, потребни се дополнителни вложувања во водоснабдувањето, комуналната инфраструктура, образованието, животната средина и уредување на јавните површини.

Нема да кажеме дека сите проблеми се решени. Но можеме да кажеме дека работиме, реализираме и продолжуваме напред. Нашиот пристап останува ист: Проект по проект, улица по улица. Населено место по населено место. Она што го направивме во изминатиот период за нас не е причина да застанеме. Напротив, тоа е мотив и обврска во следниот период да работиме уште повеќе.

Сакам да им се заблагодарам на општинската администрација, Советот на Општина Зелениково, комуналните служби, Владата и надлежните институции, како и на сите партнери кои придонесоа за реализацијата на овие проекти.

И, пред се, сакам да ви се заблагодарам вам, граѓаните на општина Зелениково, за довербата, поддршката, предлозите, но и за критиките кои ни помагаат да бидеме подобри.

Вашата доверба е наша обврска, вашите потреби се наш приоритет. Развојот на Зелениково е нашата заедничка цел. Продолжуваме со работа, продолжуваме со нови проекти. Продолжуваме да создаваме подобро, поуредно и поразвиено Зелениково. Затоа што Зелениково е нашиот заеднички дом.