07.10.2026

Бајовски: Пречистителна станица во Кучевишка Бара, реконструиран спортски терен и обновени училишни простории во Чучер Сандево

Почитувани претставници на медиумите почитувани граѓани,

Пред скоро една година ја добив вашата доверба да бидам градоначалник на општина Чучер Сандево. А пред вас денес го презентирам отчетот за реализираните активности и постигнатите резултати во изминатите месеци во кои  работевме интензивно на модернизација на Општина Чучер-Сандево, подобрување на условите за живот и заштита на животната средина.

Со посветена работа реализиравме и започнавме повеќе значајни проекти и активности:

Комуналната инфраструктура е основа за квалитетен и достоинствен живот на секој граѓанин. Затоа, во изминатиот период посветивме особено внимание на решавањето на инфраструктурните проблеми, подобрувањето на водоснабдувањето и канализацијата, како и на создавањето почиста и поздрава животна средина.

Доработка и корекција на проектите за секундарната канализациска мрежа во повеќе населени места.

Отпочнување на изградбата на пречистителна станица за фекална канализација во Кучевишка Бара. Изградба на канализациска мрежа во населено место Чардак. Чистење на диви депонии на повеќе локации во општината, подобрување на водоводна мрежа и капдажи за вода задно со ЈКП СЦГ.

Спортот е важен дел од развојот на една здрава и активна заедница. Тој ги обединува граѓаните, ги поттикнува младите на здрави животни навики и создава можности за дружење, развој и афирмација на нашите населени места. Затоа, во изминатиот период продолживме со:

-Континуирана поддршка на спортот и организацијата на спортски турнири.

-Комплетна реконструкција на спортскиот терен и поставување вештачка трева во село Глуво.

Образованието е темелот на секое современо и развиено општество, а вложувањето во децата и младите е вложување во нашата иднина. Во изминатиот период посветивме внимание на подобрувањето на условите во образовниот процес, со поддршка на училиштето и создавање поквалитетна, побезбедна и поздрава средина за учениците и наставниот кадар. Во таа насока извршивме реконструкција и обновување на училишните простории во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.

Безбедноста на граѓаните и заштитата на нивните домови, имоти и животната средина се меѓу нашите најважни обврски. Особено внимание посветивме на создавањето подобри услови за навремено и ефикасно справување со пожарите и другите елементарни непогоди. За таа цел

Формиравме  Доброволно противпожарно друштво. Обезбедивме теренско возило за гаснење пожари и дополнителна опрема за справување со пожари на отворен простор и зајакнување на капацитетите за заштита на населението и животната средина.

Квалитетната и безбедна патна инфраструктура е еден од основните предуслови за подобар и полесен живот на граѓаните, подобра поврзаност меѓу населените места и рамномерен развој на целата општина. Посветивме значително внимание на:

Реконструкција и асфалтирање на повеќе улици во населените места, во должина од околу 4 километри. Реализирање на последната фаза од реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“, со што коцката замина во историјата.

Културата и традицијата се нераскинлив дел од идентитетот на нашата општина. Богатото културно наследство, традицијата и обичаите што се пренесуваат од генерација на генерација се вредности кои треба да ги негуваме, зачуваме и пренесеме на идните генерации. Затоа продолживме со: Финансиска поддршка на културно-уметничките друштва. Помош во организацијата на културни настани во текот на целата година. Промоција и зачувување на богатото културно и традиционално наследство на Општина Чучер Сандево.

Почитувани граѓани,

Изминатиот период беше исполнет со работа, предизвици и конкретни активности насочени кон подобрување на секојдневниот живот во нашата општина. Од комуналната и патната инфраструктура, преку спортот и образованието, до противпожарната заштита, културата и традицијата,  во секоја област работевме со една цел: Општина Чучер Сандево да се развива и да создава подобри услови за живот за сите граѓани.

Продолжуваме посветено, одговорно и со јасна визија за развојот на нашата општина.