Почитувани,
Во изминатата година од добивањето на вашата доверба, да бидам повторно избран за градоначалник на општина Вевчани се соочивме со многу предизвици и реализиравме проекти кои се во интерес и насока на подобрување на животот на секој жител на општина Вевчани.
Во делот на патната инфраструктура, општина Вевчани во соработка со Министерството за транспорт обезбеди средства за целосна реконструкција на четири локални улици во должина од околу 5 км, преку што се подобри безбедноста на движење како на возилата така и на пешаците.
Покрај целосната реконструкција на овие улици, извршена е и реконструкција на уличното осветлување, преку поставување на подземна инсталација и нови канделабри на секоја од овие улици.
Во насока на унапредување на локалната комунална инфраструктура, беa преземени градежни активности за поправка, санација и уредување на пешачки патеки и други јавни површини, како и пробивање и тампонирање на пристапни патишта со изградба на бетонски канали за наводнување.
Преку проектот Wi-Fi за Западен Балкан, а во соработка со GIZ, општина Вевчани обезбеди бесплатен интернет во централното подрачје на Вевчани.
Во делот на унапредувањето и развој на туризмот, извршена е реконструкција на дел од осветлувањето во локалитетот „Вевчански извори“, а активностите за целосна реконструкција на осветлувањето се во тек. Воедно во континуитет се продолжи со организација на манифестацијата Вевчанско лето, која допринесе за збогатување на туристичката и културна понуда во општината.
Со средства од буџетот на општина Вевчани, се реализираа градежни работи за партерно доуредување на дворот на детската градинка, при што се изврши проширување на пристапната патека, се изработи потпорен ѕид, се изврши поплочување на просторот за обезбедување на дополнителни паркинг места, а дополнително се поставија метална ограда, нови корпи за отпадоци и клупи.
Со цел зајакнување на капацитетите на јавното комунално претпријатие, а во соработка со повеќе институции, реализиравме повеќе проекти од значење за граѓаните.
Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион набавена е нова специјална машина за одржување на канализациониот систем, како и хидрауличен мини багер со што се подобрија техничките капацитети на јавното претпријатие.
Во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање обезбедени се 850 канти за собирање на комунален отпад следствено на што секое домаќинство во општина Вевчани доби бесплатна канта за собирање на комунален отпад, а во рамките на регионалниот проект за управување со цврст отпад кој се реализира со поддршка на Европска банка за обнова и развој, набавено е и ново специјално возило за собирање на отпад.
Преку Бирото за регионален развој се обезбедија средства за набавка на нов камион за одржување на јавното зеленило и набавка на машина за електрофузионо заварување на цевки, неопходни за унапредување и подобрување на услугите кои ги нуди јавното претпријатие.
Со реализацијата на овие проекти, покажавме и докажавме дека работиме во интерес на сите жители на општина Вевчани, но не застануваме тука, туку напротив, продолжуваме да работиме посветено и одговорно за доброто на општина Вевчани и вевчанци!










