05.10.2026

Милошоски: Каранфилова Пановска пак на иста линија со Бугарија, вели преговарачката рамка е европска позиција

Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во гостување на телевизија Телма во емисијата ,,Топ тема“, а во реплика на Каранфилова Пановска истакна дека нејзиниот став оти преговарачката рамка е европска и дека нема потреба од средби со официјална Софија, според него, се совпаѓа со ставот на Румен Радев.

,,Оваа позиција на заменик претседателката на СДС, Каранфилова Пановска, дека преговарачката рамка е европска и нема потреба од било какви средби со претставници на официјална Софија е позиција на Румен Радев. Румен Радев секогаш во своите настапи, вика нема потреба да се среќаваме со претставници од Македонија, дали е тоа премиер или претседател или министер за надворешни, особено не околу преговарачката рамка, нема тука Бугарија никаков удел, тоа е европска позиција. Но ние сите знаеме, големата тајна којашто СДСМ сака да ја сокрие, е дека билатералниот проблем, надвор од Копенхашките критериуми и барања на Бугарија, за жал, со бланко потпис на Бујар Османи, на Ковачевски, на Никола Димитров и на Зоран Заев сега е дел од преговарачката рамка“ вели Милошоски.

Според него, билатерална средба би го покажала актерот со кој треба директно да се разговара, со цел да не се кочат европските интеграции, но и да Македонија има предивдлив пат.

,,Но тоа е сепак билатерален проблем. И затоа доколку има билатерална средба, барем малку ќе се помести завесата на оваа преговарачка рамка и ќе открие дека еден спорен дел којшто кајнас предизвикува големи фрустрации, но и кај Европската комисија, затоа што лидери сме во процесот на Реформска агенда, но немаме започнато преговори се уште, после 21 година како земја кандидат, е токму затоа што Бугарија го злоупотребува ова билатерално барање, коешто преку СДС и ДУИ го внесе во преговарачката рамка“, истакна тој и додаде:

,,Добро е да се случи таква средба, една таква фото вест ќе го лоцира актерот со којшто треба да се поразговара за принципиелна позиција, да не се кочат европските интеграции или доколку треба истите да се менаџираат во рамките на преговарачката рамка да имаме предвидлив пат“.