Бисерка Златеска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања, постави две прашања, од кои едното беше во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството, а другото беше поврзано со економијата.
,,Земјоделството е егзистенција за илјадници семејства. Тоа е домашно производство на храна. Тоа се цели семејства кои зависат од тоа дали нивниот род ќе биде откупен, по која цена ќе биде откупен и подеднакво важно кога ќе ги добие средствата што им следуваат. Затоа секогаш кога зборуваме за субвенциите мора да имаме предвид дека не зборуваме само за буџетски средства. Зборуваме за пари, кои за еден земјоделец значат набавка на семе, ѓубриво, гориво и заштитни средства“, рече Златеска.
Прашањето што го постави Златеска, а до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство беше поврзано со исплатата на субвенциите: ,,Според официјалните информации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во текот на 2026 година се реализираат исплати по програмата за финансиска поддршка на земјоделството, а Агенцијата за финансиска поддршка паралелно реализира исплати по мерки од претходните програмски години. Тоа е важно да се разграничи. Во август и септември агенцијата реализирала повеќе конкретни исплати, меѓу кои значајни средства за сточарите и полделците. Почитуван министре, моето прашање до вас е како тече исплатата на годинешните субвенции?“.
Второто прашање од страна на пратеничката Златеска, беше упатено до заменик министерот за економија, а во врска со намалуваувањето на ДДВ-то на дизелот и по 28 септември доколку кризата и високите цени на нафтата продолжат.
,,Актуелната мерка за намалување на ДДВ-то на дизелот од 18 на 10% има рок. Тоа е 28-ми септември, а кризата на светските енергетски пазари за жал не завршува со истекот на рокот на една владина одлука. Доколку продолжи растот на цените на светскиот пазар, доколку продолжат нарушувањата во снабдувањето или доколку се појави нов ценовен удар, институциите мора да бидат подготвени“, кажа Златеска и додаде:
,,Може ли да направите споредба со цените на дизелот и бензините во Македонија и во земјите од регионот и дали доколку продолжи кризата се размислува оваа мерка да биде продолжена и по 28ми септември. Сметам дека Владата и министерствата во Македонија се вложуваат максимално во справувањето со оваа светска криза“.








