21.09.2026

Пристапна улица до скијачките терени, реконструкција на чаршијата, нови паркинг места и спортска сала, Крушево почна да се развива со конкретни проекти

За нецела една година во Крушево почнаа да се реализираат конкретни проекти кои имаат за цел подобрување на условите за живот на граѓаните и создавање нови можности за развој.

Се работеше на повеќе полиња, како патната и комуналната инфраструктура, водоснабдувањето, уредувањето на јавните простори, урбанистичкото планирање, спортот и туризмот.

Во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која ќе обезбеди подобар и побезбеден пристап до оваа значајна туристичка и спортска локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево која е во фаза на тендерска постапка која ќе придонесе за растоварување на сообраќајот низ градот.

Се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а продолжува и ревитализацијата и санацијата на локалните улици, при што во тек е изработка на сообраќаен проект со кој ќе се обезбедат дополнителни паркинг места и ќе се регулира сообраќајниот режим во централното градско подрачје, особено во периодите со зголемен број посетители.

Посебно внимание е посветено на водоснабдувањето како една од основните потреби на граѓаните, така што во тек е изработка на студија за намалување на загубите на питка вода, а завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица за водоснабдување на Крушево и во тек е тендерска постапка за целосна замена на хидро и електроопремата.

Продолжува и модернизацијата на Јавното комунално претпријатие, за што крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, додека веќе е набавено ново возило за собирање отпад, а отпочнат е процесот на селекција на комуналниот отпад, кој ќе продолжи со изградба на центар за селекција на отпадот.

Во завршна фаза се две нови полетувалишта, со што двојно ќе се зголеми капацитетот на параглајдинг центарот во Крушево, паралелно тече уредувањето на дел од спортско-рекреативниот центар Гумење, со изградба на детски рекреативен парк и уредување на просторот околу Крушевското Езеро.

Започнат е и процесот за реконструкција и ревитализација на Крушевската чаршија, еден од најзначајните симболи на градот и важен дел од туристичката понуда и во завршна фаза е техничката документација за реконструкција на Градскиот пазар, додека со поддршка од Министерството за спорт, ќе започне и реализацијата на проектот за изградба на нова спортска сала.

Покрај конкретните инфраструктурни проекти, се работи и на создавање планска основа за идниот развој на Крушево и населените места, за што во тек е донесување на Генерален урбанистички план за дел од градот Крушево, како и Детален урбанистички план за контактната зона на градот и паралелно се работи и на урбанистичко-планска документација за населените места во општината, како и документација за изградба на канализациони системи.

Целта е преку реализација на конкретни проекти, чекор по чекор, да се создадат подобра инфраструктура, поквалитетни услови за живот и нови можности за економски развој во општина Крушево.

Крушево заслужува да биде модерна, уредена, одржлива и функционална општина, со развиена инфраструктура, силен туризам и подобри услови за живот на сите граѓани.