18.09.2026

Реконструкција на улица Јане Сандански, изградба на пешачка патека на обиколницата во Македонски Брод, реализиран и проектот „Безбеден сообраќај“

Општина Македонски Брод продолжува со реализација на проекти насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните и унапредување на локалната инфраструктура, комуналните услуги, образованието, животната средина, културата и спортот.

За една година се реконструираше улицата „Јане Сандански“ во Македонски Брод, се изгради пат до село Бенче, крак до Звечан и Томино Село, како и нови водоводни системи за Сланско, Црешнево и Старовци, проектна документација е изработена за водоводните системи во селата Лупште, Тополница и Василковци, а во подготовка е документацијата за нов водоснабдителен систем во Могилец.

Во тек е изградбата на пешачката патека на обиколницата во Македонски Брод, која ќе биде опремена со целосно осветлување и урбана опрема, како и пешачката патека од улицата „Партизанска“ до м.в. „Сарај“, со што се подобрува пристапот до туристичката атракција „Турбе“, односно црквата „Св. Никола“, а паралелно течат активности за изградба на градски паркинг во населбата „Кале“.

Со цел подобрување на условите и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот се реализираше проектот „Безбеден сообраќај“ со поставување вибрациони ленти, како и хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на улицата „Партизанска“, како и сообраќајни проекти за населените места Самоков и Сувидол.

Инвестиции во образованието се едни од клучните, така што во ООУ „Св. Климент Охридски“ реализиран е проектот „Здрава храна за секое дете“ и по повеќе од 25 години, повторно е ставена во функција училишната кујна, со која управува самото училиште.

Воведена е кабинетска настава со современо опремени кабинетите, а за учениците од прво до трето одделение се воведе целодневна настава, додека за учениците запишани во прва година средно образование се доделува еднократен надомест од по 5.000 и средношколците од СОУ „Св. Наум Охридски“ се субвенционираат за полагање возачки испит.

Дополнително, изработена е проектна документација за енергетска ефикасност на СОУ „Св. Наум Охридски“ и поставување фотоволтаична централа, како и проектна документација за фотоволтаична централа на детската градинка во Македонски Брод.

Особено внимание е посветено на заштитата на животната средина и унапредувањето на комуналните услуги и за таа цел ставена е во функција пречистителната станица во Македонски Брод, набавени се и нови пумпи кои се ставени во употреба, а преку Министерството за животна средина обезбедени се канти за селекција на отпад и специјализирано возило за собирање отпад.

За потребите на комуналните служби набавени се машина за прочистување на канализациски системи, хидрауличен багер, култиватори за чистење снег, моторни дувалки, тримери за одржување на патната инфраструктура, а во селата Латово и Сланско се воспостави систем за управување со отпад.

По пауза од околу 20 години, повторно е возобновен детскиот фестивал „Распеано бротче“, продолжува поддршката за манифестациите „Фестивал на костенот“, „Поречки фармер“, „Велигденски кули“, „Самоков екстрим“, „Поречките поетски читања“, како и за спортските турнири во мал фудбал и одбојка во Македонски Брод и Самоков.

Со јасна визија за развиена, модерна и самоодржлива општина Македонски Брод продолжува инвестирањето и реализацијата на проекти кои го подобруваат животот на граѓаните во секое маало, населба или населено место.