10.09.2026

Крстевски: Росоман добива нов лик со инвестиции во инфраструктурата и уредувањето на јавниот простор

Почитувани претставници на медиумите, почитувани сограѓани,

Денес, по повод една година од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Росоман, сакам отворено, транспарентно да дадеме отчет за она што го сработивме во изминатите дванаесет месеци.

Пред една година ја презедов одговорноста да ја водам Општина Росоман со јасна цел – повеќе работа на терен, домаќинско управување со средствата на граѓаните, решавање на долгогодишните проблеми и создавање услови Росоман да се развива рамномерно во секое населено место.

Не ветивме дека сè може да се промени преку ноќ. Ветивме дека ќе работиме. Денес, една година подоцна, зад нас веќе стојат конкретни проекти, километри нова и реконструирана инфраструктура, подобрени комунални услуги, инвестиции во образованието, спортот, земјоделието, животната средина и социјалната заштита.

А уште поважно – голем број проекти се во реализација или се подготвени за следниот период.

Инфраструктурата беше и останува еден од нашите најголеми приоритети.

Во село Сирково целосно ја завршивме реконструкцијата на Улица 1 и главната улица, во вкупна должина од 880 метри, проект кој што е финансиран од Буџетот на Општина Росоман.

Во село Манастирец е завршена реконструкцијата на главната улица во должина од 608 метри, заедно со уредување на централното подрачје. Проектот е финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт.

Еден од најголемите инфраструктурни зафати во моментов се реализира во Росоман. Во тек е изградба на улиците 40, 41, 42 и 43, во вкупна должина од 965 метри. Не станува збор само за асфалтирање. Се гради комплетна атмосферска, канализациона и водоводна мрежа, коловоз и улично осветлување. Проектот е финансиран преку Владата, преку Министерството за транспорт.

Паралелно, во тек е уредување на 14 површини со бехатон, со што опфаќаме улици, пешачки и парковски површини низ Општина Росоман. Овој проект го финансираме од сопствениот буџет.

Во тек е и реконструкцијата на дотраената фасада на општинската зграда, која истовремено е станбена зграда со деловни простории.

Ја завршивме и првата фаза од одводнувањето на Бавчите, со поставување атмосферска канализација и асфалтирање на улица „Страшо Пинџур“ и крак од улицата „Гоце Делчев“, со средства обезбедени од Владата преку Министерството за животна средина.

Дополнително, изработени се сообраќајни решенија и поставена е хоризонтална и вертикална сигнализација на улиците „Гоце Делчев“, „Стерјо Несторовски“ и во село Манастирец.

Ова се инвестиции кои не се прават за еден ден или за една година. Ова е инфраструктура треба да им служи на генерации.

Посебно внимание посветивме на зајакнувањето на ЈПКД Росоман, затоа што функционално комунално претпријатие значи почиста, поуредна општина и подобра услуга за секој граѓанин.

Отворивме нов центар за вработените и механизацијата, со што обезбедивме значително подобри услови за работа.

Во центарот на Росоман отворивме нови канцеларии и наплатен пункт на ЈПКД Росоман, со што услугите станаа подостапни за граѓаните.

Од Општина Кавадарци обезбедивме цистерна за перење на улиците, а преку Бирото за регионален развој обезбедени се средства за контејнери и дополнителна опрема за ЈПКД Росоман.

Во тек е постапка за набавка на рака со мулчер, пили за кастрење на локалните патишта и нова цистерна за перење на улици, со средства обезбедени преку Министерството за локална самоуправа.

Извршивме реконструкција на каптажите во село Сирково и Камен Дол, а набавивме и нова опрема за резервоарите за водоснабдување.

За првпат зимската служба беше организирана директно преку ЈПКД Росоман. Со тоа, наместо средства да се издвојуваат за надворешни компании, ја активиравме сопствената механизација и сопствените капацитети.

Нашата цел е јасна – ЈПКД Росоман да стане современо, опремено и функционално претпријатие кое самостојно ќе може да одговори на најголем дел од потребите на општината.

Промените мора да се гледаат и во секојдневното опкружување на граѓаните.

Набавивме и поставивме нови парковски клупи и канти за отпадоци, а континуирано ги санираме и обновуваме детските реквизити.

Се реконструираат паркот кај Детската градинка, паркот кај старото училиште и паркот на улица „Пере Тошев“, а ќе бидат уредени и парковски површини во Трстеник, Мрзен Ораовец и на улица „Стерјо Несторовски“.

Во изминатиот период поставивме над 120 нови ЛЕД светилки, а започнавме и со замена на осветлувањето во парковите со соларни светилки.

Го осветливме влезот во Манастирец од регионалниот пат Градско–Прилеп, со канделабри и соларни светилки.

Поставена е и нова подземна инсталација, канделабри и ЛЕД осветлување на улиците „Пролетерска“ и „Цандо Кузманов“, населбата Гумење и во централното подрачје на Росоман.

Инвестираме и во спортот, затоа што сакаме нашите млади да имаат услови какви што заслужуваат.

Започнавме реконструкција на стадионот во Росоман. Се реконструира трибината, монтирани се 350 нови столчиња кои се донација од Фудбалската федерација на Македонија, а работевме и на санација на осветлувањето и теренот.

Овој проект нема да застане тука. Ќе продолжиме и наредната година, со конечна цел стадионот да прерасне во вистински спортски центар за сите генерации.

Во културата обезбедивме редовна поддршка за манифестациите и локалните организации.

Особено сум горд на „Праскобер фест“ кој прерасна во масовна манифестација, која привлекува голем број посетители и станува вистински промотор на Росоман.

Ги подржуваме и  спортските турнири, Културно-уметничкото друштво, традиционалното искачување на Клепа и голем број други спортски и културни настани.

За првпат организиравме и тридневен новогодишен хепенинг, наменет и за најмладите и за повозрасните граѓани.

Росоман е земјоделска општина и затоа земјоделците мора да имаат вистински партнер во локалната самоуправа.

По подолг период, Подрачната единица за земјоделие повторно постојано функционира во Росоман, со што земјоделците можат голем дел од своите административни обврски да ги завршуваат тука.

Пробивме и тампониравме повеќе полски патишта до земјоделските насади, а оваа активност значително ќе ја интензивираме во следните години.

За нашите земјоделци организиравме и бесплатен превоз до земјоделскиот саем во Солун, нашата намера е ваквите посети на саеми и можностите за запознавање со современи земјоделски технологии да продолжат.

Во изминатиот период беа исплатени над 24 милиони денари, односно близу 400 илјади евра, за штети од мраз од 2025 година кон земјоделците.

Во изминатата година водевме сериозна борба и со дивите депонии.

Исчистивме диви депонии на повеќе локации во Росоман, Паликура, Манастирец и Сирково.

Но, чистењето само по себе не е доволно. Затоа поставивме контејнери за кабаст отпад на десетина локации, со што на граѓаните им овозможивме определени места за правилно одлагање на кабастиот отпад.

Ќе продолжиме со чистење, но истовремено очекуваме и одговорност од секој граѓанин. Чиста општина не може да создаде само локалната самоуправа – за тоа сме потребни сите.

Нашите деца заслужуваат подобри услови за образованието.

Ги исплативме големите наследени долгови за храна, со што создадовме услови проектот непречено да продолжи.

За првоодделенците обезбедивме бесплатни ранци и училишен прибор, како и бесплатни училишни униформи.

Во кругот на ООУ „Пере Тошев“ изградивме летна училница, а во училиштето се реализираат повеќе активности за подобрување на наставата, набавка на нагледни средства и реконструкција на различни сегменти од објектот.

Истовремено, целосно се исплатени и реализирани сите стипендии за учениците и студентите за учебната 2025/2026 година.

Работиме и на зголемување на капацитетите за згрижување на најмладите.

Започната е постапката за отворање на новиот дел на Детската градинка „Праскичка“, со што ќе се создадат дополнителни капацитети.

Во тек е и јавна набавка за реконструкција и адаптација на простор во село Сирково за детска градинка, со што сакаме услугата да ја доближиме и до семејствата од ова населено место.

Не ги заборавивме ниту нашите највозрасни сограѓани.

Обезбедивме бесплатен јавен превоз за пензионерите, мерка која веќе дава резултати и ја користат голем број наши пензионери.

Организиравме и бесплатни екскурзии за пензионерите, а во тек е реализација на проект преку Министерството за социјална политика и Светска банка со кој треба да обезбедиме соодветни просторни услови за нивно дружење и активности.

Нашите пензионери го граделе Росоман и заслужуваат локалната самоуправа да се грижи за нив.

Во текот на оваа година ги продолживме и надградивме долгогодишните пријателства на Општина Росоман.

Ја зајакнавме соработката со Пландиште во Србија, Анина во Романија, Бергама во Турција, Пустец во Албанија, како и со други наши пријатели и партнери.

За нас меѓународната соработка не треба да биде само протоколарна. Таа треба да создава можности за заеднички проекти, културна размена, поврзување на младите и размена на искуства меѓу локалните самоуправи.

Особено значајно е што Општина Росоман е дел и од проектот „Зајакнување на општинските совети“, поддржан од УНДП, Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа.

Преку овој процес граѓаните директно учествуваат во определувањето на приоритетите, а обезбедени се и средства за реализација на проект кој ќе биде избран од самите граѓани.

Тоа е моделот кон кој се стремиме – локална самоуправа во која граѓанинот не е само набљудувач, туку учесник во носењето на одлуките.

Почитувани сограѓани,

Кога ќе се погледне сето она што е завршено и она што денес се гради и проектите кои се подготвуваат, можеме да кажеме дека првата година беше година на работа, стабилизација и поставување темели за уште посилен развој на Општина Росоман.

Ова е само првата година од четиригодишниот мандат.

Имаме уште многу работа. Имаме улици кои треба да ги реконструираме, населени места во кои треба дополнително да инвестираме, полски патишта кои треба да ги подобриме, паркови кои треба да ги уредиме, комунална механизација која треба да ја зајакнеме и нови проекти кои треба да ги донесеме во Росоман.

Нашата определба останува иста – секое населено место да почувствува дека Општината е присутна и дека средствата на граѓаните се враќаат назад кон граѓаните преку конкретни проекти.