Во само една година, Општина Битола има 81 одобрен проект од двата владини повици финансирани преку унгарскиот кредит.
Обновени и изградени се над 10 километри патна инфраструктура во урбаниот и руралниот дел, реализирани се повеќе од 3 километри водоводна и канализациска мрежа, а реконструирани и изградени се 24 спортски и училишни терени и четири типски спортски сали.
Нови 220 нови паркинг-места на простори кои претходно биле узурпирани или се ослободени со изградбата на нови улици.
Значаен дел од инвестициите се насочени кон создавање подобри услови за најмладите. Отворена е градинката „Пчеличка“ со капацитет за 475 деца, а во Домот за доенчиња и мали деца моментално се згрижени 76 деца.
Во тек е изградбата на новата градинка во „Нова Битола“, со капацитет за 153 деца, како и градинката во комплексот АРМ, која ќе овозможи дополнително згрижување на 246 деца и намалување на листата на чекање.
Во населбата Буковски ливади се гради ново училиште, инвестиција вредна над 31 милион денари.
Продолжува и реконструкцијата на Центарот за спорт и рекреативни активности, поранешната боксерска сала. Проектот е поддржан од Владата со над 40 милиони денари, а по неговото завршување Битола ќе добие современ спортски простор од над 1.000 квадратни метри за бокс и авантуристички спортови.
Во подготовка е и целосна реконструкција на ќумурното игралиште, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, како и изградба на нов спортски терен помеѓу игралиштето и салата „Боро Чурлевски“.
Веќе е изградена 5 километри велопатека, а во тек е подготовка за нови 2,7 километри велопатеки. Со поддршка од Владата продолжува и изградбата на новиот булеварски влез во Битола.
Културниот развој на градот го потврдуваат и бројките. Во изминатите десет месеци културните манифестации во Битола ги посетиле над 100.000 граѓани и гости, а преку Програмата за култура се обезбедени околу 45 милиони денари.
За киното „Партизан“ е обезбедена инвестиција од 96 милиони денари, со што објектот ќе биде трансформиран во модерен и самоодржлив простор за кино, театар, изложби и мултимедијални настани.
За реализација на Програмата за социјална заштита за 2026 година обезбедени се 14,6 милиони денари. Од нив, 1,5 милиони денари се наменети за поддршка на лицата со ретки болести, а се обезбедуваат и средства за рехабилитација и стручна поддршка за лицата и децата со попреченост.
500.000 денари се наменети за адаптација на домовите на лица со попреченост. Општината продолжува со активности за унапредување на транспарентноста, интегритетот и антикорупцијата, во партнерство со младинските и невладините организации, бизнис-секторот и граѓаните.
Меѓу капиталните проекти е и новата противпожарна зграда во поранешната касарна. Во проектот досега се инвестирани над 52 милиони денари.
Објектот се гради на парцела од 3.300 квадратни метри и ќе има корисна површина од 1.600 квадратни метри.
Втората фаза се реализира преку грант од Министерството за одбрана на САД во вредност од околу еден милион американски долари, со што објектот ќе биде опремен со современи енергетски ефикасни решенија.
Посветеноста на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека промената во Битола се случува. Таа се гледа на улиците, во училиштата и градинките, на спортските терени, во културните објекти и во секојдневната инфраструктура на градот и населените места.








