Почитувани,
Власта на СДС на која успех и беше раст од 2% на економијата, за која успех беше платите да растат 5% а инфлацијата истиот период да биде 20%, партијата која ги зголемуваше пензиите за 150 денари годишно, не може и не треба да држи лекции за тоа како треба да се води економијата на една држава.
Бидејќи ги слушаме секојдневно како говорат за економијата и растот, а се уште се најголема опозициска партија во Македонија, треба да направиме една споредба и да видиме како тие недомаќински работеле, а како ние работиме чесно, одговорно и транспарентно.
Осум целосни квартали на нивната власт со осум целосни квартали на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Што покажуваат бројките?
Во првите осум целосни квартали по доаѓањето на СДС и ДУИ на власт, просечниот реален економски раст изнесувал околу 2,6 проценти.
Во првите осум целосни квартали на актуелната Влада, од третиот квартал на 2024 до вториот квартал на 2026 година, просечниот раст изнесува околу 3,55 проценти.
Значи, 2,6 проценти во првите 8 квартали на СДС и ДУИ, наспроти 3,55 проценти во првите 8 квартали на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Разликата е речиси еден цел процентен поен.
Или, изразено релативно, приближно 37 проценти повисоко просечно темпо на економскиот раст.
Но има нешто уште поважно, а тоа е дека во економијата не е доволно да имате еден добар квартал.
Многу поважно е дали можете да создадете стабилност и континуитет.
Во првите три целосни квартали на власта на СДС и ДУИ, економскиот раст бил под еден процент.
Денес имаме сосема поинаква економска динамика.
Од преземањето на Владата, економијата бележи континуиран позитивен тренд, а најновиот резултат е 4,3 проценти реален раст во вториот квартал од 2026 година.
И токму затоа оваа споредба е важна.
Затоа, кога СДС денес ја критикува економската политика, добро е јавноста да знае какви биле резултатите кога тие ја имале одговорноста да ја водат економијата.
Евидентна е разликата меѓу економските резултати што ги оставија СДС и ДУИ и резултатите што денес ги постигнува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.










