16.08.2026

Велјановски: Нови странски директни инвестиции и зголемување на производствените капацитети на постоечките за нови работни места, извоз и економски раст

Почитувани,

Економијата е еден од главните приоритети на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Нашата политика е јасна.

Интензивно и посветено работиме да создаваме услови за успешен бизнис, затоа што колку е поуспешен бизнисот, толку е поуспешна и државата.

Најголемите патриоти се оние кои отвараат ново работно место, обезбедуваат плата повеќе во семејството и создаваат нова вредност во македонската економија. А денес веќе имаме конкретни резултати од инвестициите кои започнаа со работа.

Во Битола започна со работа фабриката Брејнчајлд за производство на опрема за спортови на вода и ветер. Станува збор за инвестиција од околу 11 милиони евра со околу 230 вработени.

Започна со работа и Магна Мехатроникс во ТИРЗ Штип. Инвестиција од околу 40 милиони евра која во својот полн капацитет се очекува да обезбеди на 600 работни места.

Ова е уште една потврда дека Македонија станува дестинација за технолошки напредни инвестиции со висока додадена вредност.

Од друга страна расте и производството и бројот на вработени кај компаниите кои веќе се присутни во земјата.

Компанијата Костел Македонија успеа да ги зголеми своите приходи од почетните 80 милиони евра на очекувани рекордни 280 милиони евра за тековната 2026 година и со дополнителни нови 200 вработувања во минатата 2025 година стигна до повеќе од 1340 вработени.

Амфенол пак веќе има околу 3200 вработени со план за уште 500 нови вработувања во две фази. Со реализација на планот компанијата би достигнала околу 3700 вработени.

Нова инвестиција реализира и Гентерм, глобален лидер во автомобилската индустрија. Покрај веќе постоечката инвестиција во Прилеп, компанијата планира нов инвестициски циклус вреден повеќе од 30 милиони евра со до 300 нови работни места.

Ова е важна потврда дека компаниите кои веќе се присутни во Македонија имаат доверба во нашата економија и одлучуваат дополнително да ги прошират своите капацитети.

Ова се конкретни примери дека инвестициите не се само бројка на хартија.

Тие значат луѓе кои денес имаат работа, семејства кои имаат поголема сигурност, компании кои произведуваат и извезуваат и економија која создава поголема додадена вредност.

Во 2024та година Македонија оствари рекордно историско ниво на странски инвестиции од 1,255 милијарди евра.

Истовремено наша политика е да не ги заборавиме домашните компании.

Над  250 милиони евра преку кредитната линија со унгарската Експорт банка се ставени на располагање на македонската економија и на домашниот бизнис со услови кои треба да овозможат нови инвестиции, проширување на производството и отварање нови работни места. 

Особено важно е што економијата постепено се диверзифицира.

Така покрај автомобилската индустрија се развиваат високотехнолошки индустрии, енергетика, производство на батерии, електроника и други сектори со висока додадена вредност.

Наша цел е Македонија да има повеќе успешни компании, повеќе добро платени работни места и поголем извоз.

Владата ќе продолжи да биде партнер на бизнисот и на домашните, на странските инвеститори, затоа што секоја успешна компанија, секое ново работно место секое евро инвестирано во Македонија значи посилна економија и подобар животен стандард за граѓаните.