12.08.2026

Мицевски: Талогот на СДС се води по чудна политичка матрица во која туѓиот успех мора да се намали – остануваме посветени да ја градиме Македонија и да испорачуваме резултати во интерес на граѓаните

НЕ Е ПРОБЛЕМОТ ШТО МАКЕДОНИЈА СЕ РАДУВА. ПРОБЛЕМОТ Е ШТО НЕКОИ НЕ МОЖАТ ДА СЕ ПОМИРАТ СО ТОА.
Постои една чудна политичка матрица во која туѓиот успех мора да се намали, секоја позитивна промена да се релативизира, а секоја радост на народот да се претвори во политички проблем.
Кога ќе се наполнат плоштадите – се бара што не чини.
Кога ќе се изгради нешто – се бара зошто не е изградено нешто друго.
Кога ќе се прослави државен празник – се бара политичка позадина.
Кога народот ќе покаже припадност и гордост – повторно се отвораат поделби.
Тоа не е конструктивна опозиција.
Тоа е политика на фрустрација.
Македонија има доволно проблеми и доволно сериозни предизвици. Затоа и секоја власт мора да биде критикувана кога греши. Но, политичката зрелост не се мери според способноста да се пронајде мана во сè. Се мери според способноста да се понуди нешто подобро.
За жал, токму тука се гледа разликата.
Едни денес се обидуваат да градат – со инвестиции, инфраструктура, спортски објекти, проекти и нова енергија во државата.
Други, наместо да понудат сопствена визија, се обидуваат да создадат чувство дека ништо не се случува и дека ништо не може да успее.
А тоа е најопасната политика.
Политика која не бара доверба затоа што има подобра идеја, туку се надева дека граѓаните ќе се откажат од надежта.
Но, граѓаните веќе научија да препознаваат.
Научија дека изборите не се наследно право на никого. Власта не е сопственост на една политичка структура. Довербата не се “подразбира” – таа се заслужува.
И кога граѓаните ќе казнат една политика на избори, демократскиот одговор не е да се бара вина во народот. Одговорот е да се погледне во сопственото огледало.
Да се праша: каде погрешивме? Што не испорачавме?
Зошто ја изгубивме довербата?
Тоа е политичка зрелост.
Сè друго е таложење на старите матрици.
Затоа, кога зборуваме за „талог“, не зборуваме за народот.
Не зборуваме за оние кои мислат различно.
Не зборуваме за опозицијата како демократски институт.
Зборуваме за оној политички модел што со години произведува разочарување, поделби и безнадежност, а потоа се обидува токму од тие поделби повторно да ја изгради својата политичка позиција.
Таквиот модел мора да остане зад нас.
Македонија нема потреба од политика која ќе ѝ објаснува на граѓаните зошто не може.
Има потреба од политика која ќе покаже како може.
Нема ништо лошо во тоа народот да биде горд на својата држава.
Нема ништо лошо во тоа Македонија да го слави својот ден.
Нема ништо лошо во тоа плоштадите да бидат полни.
Нема ништо лошо во тоа да се гради, да се инвестира и да се верува во иднината.
Напротив.
Тоа е Македонија каква што треба да ја оставиме на следната генерација – самоуверена, достоинствена и со поглед напред.
А политичките битки?
Нека се водат со аргументи.
Нека се мерат со резултати.
Нека одлучуваат граѓаните.
Но, да не се обидуваме да ја гасиме надежта на сопствениот народ, само затоа што некој не може да се помири со неговиот избор.
Македонија не и припаѓа на ниту една партија.
Не и припаѓа на ниту една генерација политичари.
Македонија им припаѓа на своите граѓани.
И токму затоа – ќе продолжиме да ја градиме забрзано.

Линк од фб објава:

https://www.facebook.com/share/p/1DM7kCrhk2