Луѓе во костуми или костуми без луѓе!?
За одредени самопрогласени политичари костумот стана маска зад која се крие празнина.
Зад скапата кравата, беспрекорно испегланата кошула и научените реченици, понекогаш нема ни знаење, ни визија, ни државнички капацитет – има само добро извежбан настап.
Токму затоа денес не е најважен костумот – најважно е дали има човек во него!
Еве нема да го посочам „костумот“, но како што народот го препознава „талогот“, така ќе го препознае и името и презимето на овој „костум“.
До пред извесно време, „костумот“ со функција секретар за меѓународна соработка не знаеше што значи кратенката НАТО, ама денес ја добил улогата да држи лекции за Евроинтеграции.
Не знам дали е свесен дека Евроинтеграциите се едно од најсериозните државни прашања и затоа секое тврдење за „тајни договори“, „скриени преговори“ или „веќе донесени одлуки“ мора да биде поткрепено со проверливи факти.
Во спротивно, „костумот“ свесно ја насочува политичката дебата во крива насока и таа станува натпревар помеѓу оној што произведува сомнеж и оној што нуди решенија.
Кој ќе победи во овој натпревар е толку јасно, што не мора да биде напишано.
Во демократските општества нормално е да постојат дипломатски разговори.
Но дипломатски разговор не е исто што и таен договор, исто како што шпекулацијата не е доказ!
Кога тие две работи намерно се изедначуваат, најголемата штета не ја трпи власта или опозицијата – ја трпат граѓаните кои остануваат заробени во канџите на недовербата и политичките спектакли.
Но и покрај тоа, овие „костуми без луѓе“ за кои историјата сведочи дека не се научени да работат, а уште помалку да работат за државата и за народот, продолжуваат да егзистираат по старата матрица:
Колку помалку факти, толку повеќе драматичност.
Колку помалку аргументи, толку повеќе ексклузивни сознанија од „сигурни извори“ за „тајни планови“ и „скриени сценарија“.
Некои „костуми“ едноставно не умеат да живеат без да креираат чувство дека постојано се крои некаква голема завера.
Ако нема реална криза – ќе измислат.
Ако нема скандал – ќе го конструираат.
Ако нема страв – ќе го произведат…
Но, времињата се сменија.
Граѓаните повеќе не ги импресионираат силните зборови, туку силните резултати!
Денес секоја изјава останува забележана и секој збор може да се провери.
Дали има барем една нивна одлука која би можела да се претвори во победа!? Дефинитивно НЕ!
Денес, повеќе од кога било, јавноста има можност да ги споредува зборовите со делата.
Затоа тврдиме дека кредибилитетот се гради со доследност.
Историјата покажува дека државите не напредуваат кога политиката се храни со сеење сомнеж и страв – напредуваат кога различните политички актери се натпреваруваат со идеи и решенија.
Во случајов не гледаме идеја, а уште помалку решение!
И најголемиот проблем не е кога некој ќе погреши.
Проблемот почнува кога грешникот ќе помисли дека е доволно само добро да изгледа…додека греши, кога формата ќе стане поважна од суштината, а функцијата ќе стане поважна од одговорноста!
За среќа – едно е сигурно!
На крајот од денот, граѓаните не веруваат во оној што гласно говори, туку во оној што испорачува резултати.
И да завршам со мислата со која што почнав.
„Сум видела многу луѓе во костуми, но и многу костуми без луѓе!“
Костумот може да остави впечаток, но само ЧОВЕКОТ во него – остава трага!








